Во галеријата Чифте амам во Старата скопска чаршија вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложба со која ќе завршат активностите на „Остен биеналето 2024“. На отворањето ќе бидат доделени награди и признанија на уметници и соработници на „Остен“. Ова е првиот во низата настани планирани годинава кога се одбележуваат 80 години од постоењето на „Остен“.
Симболично, на изложбата ќе бидат изложени 80 наградени уметници и финалисти од повеќе од 40 земји. Повеќето од нив лично доаѓаат во Скопје за да ги примат наградите. Ќе бидат изложени дела од визуелните уметности – уметност на хартија, сликарство, објекти, инсталации, фотографии, видео и мултимедијална уметност.
„Остен“ доделува награди од различни категории, меѓу кои се и Гран при за животно остварување доделена на италијанскиот уметник и теоретичар Микеланџело Пистолето, наградата „Светско културно наследство“ беше доделена на Вангел Наумовски, еден од најголемите македонски ликовни уметници. Во соработка со САВУ (Светската асоцијација на визуелни уметности) се доделени наградите: „Уметник на светот“ на Киро Урдин, „Рембрант“ за извонредност во уметноста на Жан Богосиан од Белгија, наградата „Балкански уметник“ на Данчо Ордев и многу други.
Меѓународното жири додели три први награди: за цртеж, графика, комбинирана техника на хартија на Павол Трубен од Словачка, за слика на платно, инсталација, објекти на K.С. Шриватшан од Индија и за фотографија, видео, мултимедија на Филип Јовески од Македонија.
„Остен“ основано во 1945 година како хумористично и сатирично списание од областа на уметноста, слободната мисла и слободното творештво. Преку Светската галерија на карикатури и Светската галерија на цртеж низ годините биле презентирани уметниците од светот.





