ПМФ при УКИМ ги јакне капацитетите. Проф. д-р Стефан Бужаровски од Универзитетот во Манчестер станува визитинг-професор во Скопје

Бужаровски зборува за можностите што ги нуди оваа соработка, но и за политиките фокусирани на енергија, клима, социјална нееднаквост и трансформации кон одржливост

Иако живее и предава на Универзитетот во Манчестер, проф. д-р Стефан Бужаровски е постојано присутен во Македонија и во целиот регион на Југоисточна Европа. Деновиве се верифицира и неговата нова „службена“ форма на соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Тој ќе биде визитинг-професор на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје каде ги завршил додипломските студии во 1999 година.

Универзитетот во Манчестер котира високо на светските ранг-листи. На Светската QS листа за 2025 се најде на 34 место, а на Times Higher Education листата е рангиран на 53. место во светот. На можноста за соработка со УКИМ Бужаровски гледа како на отворање нова врата. Во интервјуто за Умно.мк, тој зборува за можностите што ги нуди оваа соработка, но и за политиките фокусирани на енергија, клима, социјална нееднаквост и трансформации кон одржливост.

Деновиве станавте член на Академијата за социјални науки на Обединетото Кралство, Ве номинираше Кралското географско друштво, кое за пет години ќе одбележи 200 години од основањето и е едно од најреномираните научни друштва во светот. Што значи за Вас оваа номинација и членство?

– Пред сè сум многу благодарен и за номинацијата и за приемот, кои се резултат на долгогодишна заедничка работа со многу колеги пред сè од академскиот и НВО секторот од разни земји, како и од мојот матичен универзитет во Скопје. Ваквите признанија никогаш не се само индивидуални, затоа што научната работа по дефиниција е колективна. Се надевам дека членството во Академијата, која е влијателна во креирањето на јавните политики во Обединетото Кралство и пошироко, ќе овозможи сите овие заеднички ангажмани и соработки да продолжат и да се засилат.

Проф. д-р Стефан Бужаровски

Фокус на Вашиот научен интерес се политики фокусирани на енергија, клима, социјална нееднаквост и трансформации кон одржливост. Како со неколку реченици би ја опишале состојбата на планетата во овој момент, со сите драматични демографски промени во последните 150 години, немилосрдното исцрпување на природните ресурси, климатските промени кои секоја година се сè поочигледни?

– Како што некој рекол, ситуацијата е катастрофална ама не е сериозна, филмот со Леонардо ди Каприо и Џенифер Лоренс добро го долови тоа. Инаку јас не би се согласил дека демографските промени се извор на еколошката криза – напротив во наредните 50-100 години светот ќе се соочи со тренд на пад на населението што ќе креира ред економски проблеми. Вниманието најнапред треба да ни биде насочено кон климатските промени – итен предизвик на светско ниво. И тука влегуваат обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност, кои веќе значително влијаат врз падот на емисиите на стакленички гасови во развиените земји. Пошироко, ни требаат коренити промени во целокупната организација на социо-економските системи и култури на производство, потрошувачка и побарувачка, од каде што произлегуваат сите овие еколошки, политички кризи.

Македонија е зависна од увоз на фосилни горива. Воените конфликти во изминатите две години дополнително ја усложнија дистрибуцијата на природниот гас, политиката на САД во изминатите два месеца ги менува геополитичките состојби на дневна база. Како ова може да се одрази на Македонија?

– Поради целата нестабилност на ситуацијата, не би се осудил да влегувам во краткорочни предвидувања, иако Европа во целост релативно добро ги преброди сите доскорешни енергетски кризи. Но, на среден и подолг рок, ќе кажам повторно, нема друга алтернатива освен развој на обновливите извори (пред сè фотоволтаици, но и други инсталации, на пример топлински пумпи), и инвестиции во енергетската ефикасност. Најавите за зголемување на учеството на гасот во енергетскиот биланс би рекол дека нè водат во погрешна насока.

Каков е потенцијалот на користење на обновливите извори на енергија? Колку сте запознаен со легислативата и политиките во Македонија од една страна, и можноста за користење на обновливите извори во правец на јавното добро, а на како извор за личен капитал?

– Според она што го слушам во медиумите има голема побарувачка за нови лиценци за фотонапонски централи. Исто така се бележи голем раст на инсталираната моќност за производство од обновливи извори на енергија. Во поширокиот регион, ако ја земеме на пример Грција, веќе има случаи кога целокупната дневна побарувачка за енергија на национално ниво е покриена од обновливи извори, пред сè сончеви и ветерни централи. Јасно е дека има голем потенцијал за развој на овој вид енергија, како и на други обновливи извори.

Во 2014, заедно со уште еден колега од Универзитетот во Манчестер, за Центарот за истражување и информирање на животната средина „Еко свест“ изработивме една кратка студија наречена „Енергетските можности на Македонија“. Тогаш предвидовме дека ќе има огромен раст на обновливите извори на енергија во енергетскиот биланс на земјата, судејќи по искуството на соседните Грција и Бугарија. При промоцијата на студијата бевме доста критикувани, и чувме дека анализите биле нереални. Но, времето се покажа дека амбициозен раст на обновливите извори на енергија е сосем можен и пожелен.

Истовремено се согласувам дека државата треба да има значаен удел во сопственоста и регулацијата на овој вид енергија – прашање кое е потребно соодветно да се третира пред сè на едно политичко ниво, низ јавни дискусии, но и преку релевантните јавни политики за енергетски, социо-економски и просторен развој, како и законската регулатива. Во 2023 учествував во проектот „Нова ера, нова надеж“ која се осврна и на оваа проблематика.

Една од Вашите потесни специјалности се инфраструктурни и еколошките неправди низ целиот свет, со фокус на причините и последиците на енергетска сиромаштија во контекст на праведни транзиции. Би можело да се каже дека Македонија е „студија на случај“ во сите овие аспекти. Сте раководеле со многу капитални светски развојни проекти. Што е потребно да се иницираат коренити реформи во државниот систем? Можете ли да посочите случај кога на една држава ù пошло ова од рака?

– За мене нема поважно прашање од борбата со неправдите и нееднаквостите во општеството, но за да ги спречиме и надминеме, пред сè треба да ги препознаеме. Многу од овие неправди се длабоко вградени во организацијата не само на општеството, туку и во просторните и инфраструктурните системи како што се енергетиката, сообраќајот, домувањето. Кога ќе видите, на пример, колку пешаци катадневно страдаат на пешачките премини, или колкави нееднаквости има во квалитетот на живеење и домување, станува јасно дека дискриминацијата и маргинализацијата на основа на род, пол, етничка припадност, попреченост, возраст се исто така интегрален делови од просторното, урбаното, енергетското планирање (и јавни политики).

За мене еден од најуспешните примери за општествено вклучување и силни политики за социо-економска еднаквост е Шпанија на национално, и Каталонија и Барселона на регионално и урбано ниво, соодветно. Во полето на енергетиката и домувањето, Барселона изгради еден високо демократски и исклучително делотворен систем за борба против општествените нееднаквости.

Имате покана да станете визитинг-професор на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Како дојде до оваа соработка?

– Длабоко сум благодарен на колегите од Природно-математичкиот факултет и Институтот за географија за оваа покана. Тоа е мојот матичен факултет, каде што ги завршив додипломските студии и разни форми на соработка и дијалог траат уште од тогаш. Со некои од поновите колеги се запознав во последните години, надвор од факултетот, преку разни стручни проекти и иницијативи во областа на просторното планирање и животната средина. Ме импресионира нивната енергија, ентузијазам, оптимизам. Многу ми е драго што ќе имам можност да придонесам барем малку кон тоа.

Еден научник, скопјанец, професор на Политехничкиот универзитет во Монтреал пред неколку години рече дека не постои научник од Македонија кој заминал, а не сака да придонесе некако во својата татковина. Со Вашата позиција на универзитетски професор во Манчестер, какво академско знаење би сакале да им пренесете на младите студенти и истражувачи во Македонија?

– Целосно се согласувам со колегата. Јас сум постојано присутен во целиот регион на Југоисточна Европа, долги години соработував со НВО секторот (пред сè „Еко свест“) и понекогаш државните институции – се надевам ќе продолжи! Но, новата „службена“ форма на соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ отвора една нова врата. Во меѓувреме сум вклучен и во еден нов проект за јакнење на капацитетот на високо-образовните институции, преку Меѓународната организација за миграции на ОН, што оди во прилог на овие ангажмани.

Во рамките на активностите што следат, се надевам дека ќе имам и можност повеќе да соработувам директно со студенти. Би сакал да разговараме и истражуваме на тема „урбана политичка екологија“, да размислуваме кој и зашто има моќ да го управува просторот во којшто живееме и на кој начин може критички и демократски да размислуваме и делуваме како активни граѓани.

Сподели