„Планината не оди никаде“ на Петра Селишкар, премиерно на „МакеДокс“

Во Сули-ан утревечер ќе биде отворена изложба на фотографии од уметникот Киро Урдин создадени во Долината Омо во Африка, а ќе биде прикажан и неговиот документарен филм „Вода и оган“

Македонската премиера на новиот долгометражен документарен филм „Планината не оди никаде“ на словенечката авторка, режисерка и продуцентка Петра Селишкар ќе се одржи вечерва во 21 часот во Куршумли ан, во рамките на 16. издание „МакеДокс“. Високо во македонските планини, среде стадо од 500 овци чувани од огромни кучиња, има бачило. Од ова несигурно прибежиште одекнува детска смеа. Под лимениот покрив живеат браќа овчари кои макотрпно работат за да го одржат семејството. Кога не работат, си играат и разговараат за значењето на животот. И додека за некого животот е токму таму, други се прашуваат дали иднината ги чека на некое друго место. На премиерата ќе присуствуваат неколкумина од браќата – протагонисти во филмот и филмската екипа што работеше на документарецот.

Во Сули-ан утревечер ќе биде отворена изложба на фотографии од уметникот Киро Урдин создадени во Долината Омо во Африка, а ќе биде прикажан и неговиот документарен филм „Вода и оган“. На 27 август во Сули ан, премиерно ќе бидат прикажани документарните филмови „Крајолици на човештината“ на Јана Хунтерова, кој е снимен во соработка во „Арт-поинт Гумно“, и „Кодот на Преспа“ на Никола Поповски.

Првиот блок премиери на документарни филмови продуцирани во Македонија или реализирани во копродукција со регионални партнери се одржа на 22 август. На платото пред Музејот на Македонија беа прикажани филмовите „Антигона“ на Ибер Деари и Мирсад Абази, „Печурки од минатото“ на Ханис Багашов и „Земја и крилја“ на Стефан Малешевиќ, реализиран во копродукција помеѓу Србија и Македонија.

Краткиот документарен филм Деари и Абази ја пренесува приказната на една жена која започнува тивка револуција. Наследувајќи ја работата на својот татко камионџија, таа отвора нови можности за жените околу себе. Бидувајќи единствена врска помеѓу селата и светот надвор, таа растовара тешка стока, поздравува познати лица и се движи во свет обликуван од мажи и нивните очекувања. Со тивка решителност, Антигона ja прифаќа својата улога на спасителка – ги поддржува луѓето околу себе и нежно го менува начинот на кој околината ги перципира жените, но и нивната себеперцепција. Главната протагонистка во филмот заедно со режисерот се претставија пред публиката на „МакеДокс“.

Филмот „Печурки од минатото“ на Багашов носи приказна за бран сеќавања кои предизвикуваат хипнотичка медитација за тагата и времето. На фестивалот беа присутни авторот и композиторката на музиката Арта Абази.

Долгометражниот „Земја и крилја“ на Малешевиќ е снимен во коавторство на сценариото со Виктор Трајановски. Мнозинството следбеници на дервишкиот ред Бекташи во Канатларци, калливо и тутунарско македонско село ја гледаат Ајтен како мајчинска фигура, која се труди да им даде поддршка исто како што им дава и на своите две деца и четири внучиња. Нејзиниот сопруг Ердоган е дервишки свештеник од највисок ранг во нивниот локален храм. Оваа вредна двојка покажува како еднаквоста цвета таму каде што најмалку се очекува – во рурална заедница на муслимани посветени на религијата, семејството и традицијата во еден од најсиромашните делови на Балканот. Продуценти на филмот се Јелена Ангеловски и Ивана Шекуткоска.

Во рамки на програмата за деца и млади на 23 август во МКЦ премиерно беше прикажан филмот „Мојот летен распуст“ на Петра Селишкар. Додека повеќето деца заминуваат на летување, осумгодишниот Басри е нестрплив да го помине распустот со браќата на македонските планини. Далеку од светот на возрасните, ќе навлезе во вештината на сточарењето и ќе ужива во недопрената природа, чувството на слобода и макотрпните животни обврски. За него тоа е живот од соништата, а неговите браќа веќе почнуваат да сонуваат за инаква иднина.

Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (www.makedox.mk), а може да се симне и фестивалската апликација.

Партнери на „МакеДокс“ се ППФП, МКЦ – Младински културен центар, Кинотека на Република Северна Македонија и фестивалската мрежа „Doc Around Europe“. Шеснаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Француски институт, амбасадите на Франција, Холандија, Австрија, Чешка, Казино Австрија, Грчки филмски центар, Гете институт, Скопско смут, Чешкиот културен центар во Софија, Младинскиот културен центар, Музеј на Македонија, Археолошки музеј, Факултет за ликовни уметности, такси „Глобал“.

Медиумски покровители на 16. „МакеДокс“ се МТВ – Прв програмски сервис, Слободен печат, Нова Македонија, Еспресо.мк, МКД.мк, УМНО.мк, СДК.мк (Сакам да кажам.мк), Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена 5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк, Кајгана Медиа, Култура Бета, Трн, Блен.мк и Медуза.

Сподели