Со „Мостови“ заврши 64. издание на СВП

Со врачување на наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“ и меѓународното поетско читање „Мостови“ синоќа на Мостот на поезијата во Струга заврши 64. издание на Струшките вечери на поезијата. Наградата „Златен венец“ на словачкиот поет Иван Штрпка му ја врачи директорот на фестивалот, Никола Кукунеш.

Уметничкиот директор на СВП, Мите Стефоски на полскиот поет Матеуш Шимчик му го врачи признанието „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата го доделуваат за најдобар поет-дебитант.

Наградата „Браќа Миладиновци“ за 2025 година за најдобра поетска книга на македонски јазик издадена меѓу две фестивалски изданија на Струшките вечери на поезијата на добитничката Јулијана Величковска и’ ја врачи претседателот на жирито, Санде Стојчевски.

На СВП годинава учествуваа 70 поети од сите меридијани. Фокусот на годинашната манифестација е глаголицата. Фестивалот почна во четвртокот со традиционалното садење дрвце во Паркот на поезијата во чест лауреатот и палење на фестивалскиот оган во Домот на поезијата. Манифестацијата се одржа под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а финансирана е од Министерството за култура и туризам.

Сподели