Писмо до Владата: Може(в)те да бидете херои

Златните медали на младите таленти Дамјан Давков на Светската олимпијада по математика и на Јан Стојановски на Европската олимпијада по физика уште еднаш потврди колкав е научниот капацитет на подмладокот на Македонија. За жал, потврди и колку ниту една власт мува не ја лази за овие талентирани ученици. Вклучувајќи ја и актуелнава. Особено актуелнава.

2024 година испадна најтешка за талантираните ученици во Македонија и нивните семејства. Кој се надеваше дека со смената на власта ќе се трансформираат повеќе институции па ќе секне и скромната помош што ја добиваа од Агенцијата за млади и спорт. Министерството за образование и наука ги акредитира научните здруженија да ги подготвуваат учениците за светските натпревари, им овозможува парични награди на учениците ако освојат медали, ама нема решение како тие ќе стигнат со далечните земји за да освојат медали. Едноставно, Законот за средно образоваие не ја предвидува оваа ставка и непрофитните здруженија секоја година мака мачат да обезбедат пари за авиобилети. Па од универзитетски професори преку ноќ стануваат питачи, тропаат од врата до врата и бараат донации.

До лани претседателот Стево Пендарвски редовно ги пречекуваше младите олимпијци и нивните ментори за да им даде поддршка. Таа завршуваше со фотографии масовно објавувани во медиумите, пофалби и тапкања по раме дека се најдобри. Секое чудо за три дена. Никогаш никој не потегна системски да се реши финансирањето на младите таленти.

Годинава претседателите на научните здруженија, сите универзитетски професори, испратија писма со апел за помош до кабинетите на министерката за образование и наука, претседателката и до премиерот. Им се обратија како на универзитетски колеги, надевајќи се дека ќе ги разберат. Времето беше кусо бидејќи Владата тукушто беше изгласана, новите министри ги преземаа ресорите. Ги прими државниот секретар во МОН и им го повтори истотото што го слушаат со години: Законот за средно не предвидува финансиска помош, а тоа ќе се смени со новиот закон. МОН испрати писма до стопанските комори за бизнис заедницата да им помогне на учениците, но тоа не донесе очекувани резултати.

Врвна забуна направи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова која во телевизико гостување рече дека го одбила францускиот претседател Емануел Макрон да присуствува на отворањето на Летните олимписки игри во Париз. Како да оди во Париз кога нашите ученици-олимпијци нема како да стигнат до земјите каде се одржуваат научните олимпијадите?! Но, го изостави фактот дека нејзината одлука е исклучиво етичка, па јавноста сфати дека постои буџет кој е пренаменет за учениците и дека проблемот е решен.

По повикот за донации се јавија фирми и поединци да ги спонзорираат талентираните ученици, но тоа е дел од вкупниот трошок. Така, најголемиот товар падна на семејствата кои покрај патните трошоци ги финансираат и котизациите за Македонија на некои олимпијади. Некои родителите можат да ги поднесат трошоците, но за некои е голем товар, позајмуваат пари, земаат кредити.

Се прашувам, кога Горан Пандев или Кире Лазаров играа за репрезентација на Македонија, дали авионските билети и хотелите сами си ги плаќаа? Иако не се сеќавам дека Македонија некогаш била светски првак во фудбал или ракомет. Е, од тој ранг се олимпијадите на кои Дамјан и Јан освоија злато, а медали и пофалници донесоа и другите ученици. Според освоените поени, Дамјан е 19-от најдобар млад математичар во светот. Во светот!

Нема оправдување дека со новиот закон ќе се реши проблемот. Интервентен буџет е потребен сега. Веднаш! Потоа решавајте го системски. Повеќето ученици се матуранти и ова им се последни олимпијади.

Во моментов младите физичари, хемичари и математичари како-така заминаа во Иран, Саудиска Арабија и во Кина за да се натпреваруваат бранејќи ги боите на Македонија на светско ниво. Некои од нив ќе се вратат со медали, некои ќе треба да одлучат дали да останат дома или да заминат во светот, во време на масовни миграции кога секое полугодие броиме колку стотици ученици си заминале и станале деца на некоја друга татковина, зашто нивните родители се разочарани од својата. И овие (нај)добри млади луѓе ќе се сеќаваат колку Македонија застанала зад нив. Нема да заборават.

А сите вие, патриоти со одлучувачка моќ низ годиниве и денес, како се чувствувате кога ги гледате на подиумот, со медали, како го веат македонското знаме? Ви игра душата? Ви солзат очите? А длабоко во себе знаете дека не сте мрднале со прст за да стигнат дотаму. А може(в)те да бидете херои во нивните сјајни, умни очи.

Сподели