Петта „Трчај бе“ – трка што на секој начин ја вградува Битола со своите традиции и навики

И годинава група студенти од тренинг-програмата за графички дизајн по трет пат одговорија на предизвикот да ја визуелизираат едноставната љубов кон трчањето и да ги инспирираат љубителите на предизвици да се вклучат на 5. издание на трката „Трчај бе“ што утре ќе се одржи во Битола. Со внимателно смислена креативна кампања, потенцирајќи го духот на градот Битола студентите направија успешен спој помеѓу наученото и мисијата и визијата на оваа трка. Изложбата беше поставена во дворот на Центарот за култура.

– Оваа година имавме двоен предизвик. Првиот беше стандарден да се осмисли кампањата за трката, а вториот беше да се редизајнира логото во чест на првата 5-ка од оваа многу своја трка. „Трчај бе“ е навистина автентична приказна, зашто таа не е само атлетска трка, таа од првото издание сака да ја вгради Битола со нејзините карактеристики на град, но и со битолчани и нивните традиции и навики. Многу сме задоволни од овогодинешното влијание што го постигнаа студентите со дизјните за „Трчај бе“. Драго ни е што студентите работеа на една толку креативна кампања. На изложбата имавме одлични реакции и мотивирани сме сè повеќе на ваков начин да влијаеме врз културата на градот и да дадеме поттик што е можно повеќе луѓе да се приклучат на иницијативата – изјави Мартин Цветановски од тренинг-центарот Monday Learning.

Трката „Трчај бе“ годинава ќе се одржи утре, на 3 септември со трки на 5, 10 и 21 км што воедно ќе биде и балканско и државно првенство во полумаратон. На култната битолската трка со „Алпско“ доаѓа една од најголемите балкански атлетичарки, актуелната европската првенка на 3.000 метри стиплчес и финалист на последното Светско првенство, Луиза Гега од Албанија.

Таа ќе биде претставник на својата земја на Балканското првенство во полумаратон, Битола 2023. Нејзини позначајни резултати во кариерата се: прво место на Европското првенство во Минхен 2022 година, второ место на Европското првенство во Амстердам 2016 година, осмо место на Светското првенство во Будимпешта 2023 година и уште многу, многу други признанија.

Битола и патеката на „Трчај бе“ од оваа година го поседуваат највисокиот светски сертификат, признат од Светската атлетска федерација, познат како AIMS. Со овој сертификат, сите постигнати резултати на овие трки ќе бидат меѓународно признати.
На 27 август, во Битола дојде сертифицираниот експерт за мерење на патеки Борут Подгорник и го изведе мерењето на патеките за 10К и 21К.

Утре се очекуваат уште триесеттина атлетичари од балканските земји и над 1.700 пријавени учесници на трките на 5, 10, 21 километар, а организаторот имаше и бројни пратечки активности кои во градот под Пелистер ќе направат овој викенд да биде оо петти пат празник на трчањето. Сите хотелски капацитети се резервирани од учесници на трката кои доаѓаат од други македонски градови, бројни компании имаат пријавени свои тимови за трчање на „Трчај бе“ по аналитиката пријавени се и рекреативци и врвни атлетичари од четириесет земји од светот.

Сподели