Пет награди на 18 фестивали за краткиот „Мала шега“ на Трифун Ситниковски

Краткиот филм „Мала шега“ во режија на Трифун Ситниковски освои 5 награди и се прикажуваше на 18 фестивали во земјава и странство, меѓу кои во Данска, САД, Италија, Финска, Кореја, Нигерија, Бразил и Узбекистан. Филмот ја имаше својата светска премиера на престижниот Интернационален филмски фестивал во Оденсе, Данска, каде билетите за првата проекција беа распродадени, а фестивалот го посетија над 250 гости од целиот свет.

Филмот освои пет домашни и меѓународни награди, меѓу кои: награда од публиката и Специјално признание за актерката Јана Никодиновска на „Sирни Фестивал“ во Скопје, награда за најдобар филм на „Филмски фронт“ во Нови Сад, златна награда и најдобра актерка (Јана Никодиновска) на „Уника Кореја“ во Кореја.

Филмот ја раскажува приказната за тинејџерска љубов инспирирана од истоимениот расказ на Антон Павлович Чехов, сместена во македонски контекст. Главните улоги ги толкуваат Јана Никодиновска и Марко Илиевски. Продуцент и монтажер е Гоце Кралевски, а копродуценти се Сашка Цветковска и Адријана Пруговечки. Кинематографер на филмот е Сергеј Сарчевски, дизајнер на продукцијата е Александра Петкова. Композитор е Мартина Силјановска, а за костимографијата одговорна беше Марта Дојчиновска.

„Мала шега“ е во продукција на ДНФ Филмс и копродуциран од Истражувачка репортерска лабораторија – ИРЛ од Македонија и Изван Фокуса од Хрватска, во соработка со Вардар Филм, а со поддршка на Агенција за филм и Хрватскиот аудиовизуелен центар.

Сподели