Песната „До целта“ на Ана Стојаноска најдобра на конкурсот „Мојата трка“

Авторката Ана Стојаноска ја доби наградата на конкурсот „Мојата трка“, што се организира во рамките на „Трка на поезијата“, што по втор пат беше организирана вчера во Струга.

„Мојата трка“ е насловот на поетскиот конкурс, кој се роди на ист ден со трката. Идејата е втемелена во поетската традиција на Струга, давајќи потврда на името на трката „Трка на поезијата“.

За наградата одлучи тричлена комисија составена од: д-р Мерсиха Исмајлоска, доктор по филолошки науки, м-р Ивана Андоноска Спасовска, магистер по правни науки и м-р Биљана Тодоровска, магистер по драматургија.

– Песната на Стојаноска се изделува од останатите со својата автентичност и сензитивен поетски израз. Користејќи градација, почнува од малечкото „капка студена пот“, за до крајот да прозборува за победата, и колку таа е лична односно колективна. Таквата победа ги содржи трките или борбите на предците, оние кои и најмногу бодрат со својот дух, за конечниот победник да е љубовта. Таа е целта и крајната смисла. Таа е светлината и Светулката. Потсетник колку суптилно може да се зборува за мојата, нашата трка. Заборавените легенди и те како можат да бидат моќни, кога некој ќе ги насети, особено со стих, онака како што прави Стојаноска – вели жирито.

Сподели