„Се учи теле, а не вол“ – Драгана Стикова за првата научна конференција за деца

Сите се свесни дека научната писменост во Македонија е на ниско ниво и тоа пред сè се должи на проблемите во образованието. Но едно е да се биде свесен, а друго да се обидеш да направиш нешто, вели Стикова

Стотина ученици од 7 до 12 години ќе присуствуваат на првата конференција за наука во која се вклучени деца, а ќе се одржи денеска од 10 до 15 часот во Скопје. На две работилници од по 50 деца, тие ќе слушаат предавања за холограми, за својствата на магнетите, преку содржина наменета за нивна возраст. Конференцијата ја организира платформата „Наука за деца“, составен дел од Фондацијата „Кантарот“, која пак соработува со научници од Македонија кои работат низ светот.

Драгана Стикова

– С(ц)иеста заедницата е очигледен пример за група која се самоорганизира, не чека поддршка од државата или од странски грантови и успева со индивидуални донации да направи нешто убаво за Македонија – вели Драгана Стикова која магистрирала образование на „Санта Клара“, еден од најстарите универзитети во Калифорнија.

Во пресрет на „Од атом до шрафче, наука за секое главче“ во организација на Фондацијата „Кантарот“, објаснете ни што ќе биде во фокусот на конференцијата?

– Да, денеска се одржува првата конференција „Наука за деца“ во чиј фокус се најмладите. Идејата ни беше директно да ги вклучиме децата и да слушнеме од нив што имаат да кажат. Досега конференциите биле организирани од возрасните за возрасните, а нашата конференција е различна по тоа што во фокусот ги става децата.

Од работилниците во рамките на „Саем на книга 2022“

Имаме подготвено различни активности со кои сакаме да го разбудиме секое атомче и да го размрдаме секое шрафче во детските глави. А затоа што на децата им треба поддршка и поттик од нивното опкружување, во попладневните часови имаме предвидено активности за сите родители, наставници, едукатори и сите останати што се заинтересирани да им помогнат на децата полесно да пливаат во водите на науката и образованието.

Како дојдовте до идеја да организирате токму ваква конференција?

– Идејата за ваква конференција одамна се крчка, меѓутоа требаше да го почувствуваме моментот. Оваа пролет нешто кликна, се наредија коцките. Помогна и тоа што полека излегуваме од ковид-изолација и конечно имаме можност да се запознаеме во живо со оние кои нè следат и ни помагаат веќе две години. Решивме да имаме претпладневен дел за деца во кои ќе им покажеме колку е забавна науката, а попладнето да го посветиме на посериозна дискусија со наши истакнати научници и професионалци.

Работилница во скопско основно училипште

Членовите на заедницата С(ц)иеста се реномирани научници од Македонија кои работат и живеат во странство. Каков е нивниот став за достапноста на науката за најмалите во Македонија? Колку е таа имплементирана во образовниот систем, постои ли алтернатива надвор од системот?

– Сите се свесни дека научната писменост во Македонија е на ниско ниво и тоа пред сè се должи на проблемите во образованието. Но едно е да се биде свесен, а друго да се обидеш да направиш нешто по тоа прашање. С(ц)иеста заедницата е очигледен пример за група која се самоорганизира, не чека поддршка од државата или од странски грантови и успева со индивидуални донации да направи нешто убаво за Македонија. Дејствувањето надвор од системот дава голема слобода и отвора простор за креативност, а се надеваме дека институциите и други организации ќе го препознаат потенцијалот и ќе ги искористат нашите видеа, пакетчиња и работилници кои и понатаму остануваат бесплатни за сите деца.

Од работилници на Францускиот институт до онлајн-платформа со повеќе од 8.000 следбеници на „Фејсбук“. Како настана „Наука за деца“?

– Да, токму така, сè почна од работилницата за магнети која требаше да ја одржам во Францускиот институт. Работилницата беше закажана за 14 март 2020, а на 11 март преку ноќ светот одлучи да престане да се врти. И како што светот престана да се врти и мојата работилница се откажа, така мене почна да ми се врти во глава.

Болна легнав по откажаната работилница, затоа што мене работата со деца ми дава сила и ме исполнува. И во тие моменти на очај и неизвесност со сопругот Никола, решивме да ги споиме во едно двете наши љубови, децата и науката. И така се роди „Наука за деца“, создадена со многу љубов, посветеност и позитивна енергија и токму таа љубов и енергија ги привлече луѓето околу нас.

Куси едноставни видеа за прашања од различни теми, онлајн-предизвици за деца да прават нучни експерименти, награден натпревар по програмирање во „Скреч“ и последниот предизвик, како да барате и броите јаглики… Како ги избирате темите и содржините?

– Позитивната енергија ни донесе многу следбеници и поддржувачи, меѓутоа исто нè спои со многу прекрасни луѓе, научници и ентузијасти, родум од Македонија, распослани низ целиот свет. Едноставно се најдовме на иста бранова должина и соработката почна спонтано. Сега сме тим од десетина луѓе, секој експерт во својот домен. Кон креирање на активностите придонесуваме сите, секој внесува дел од тоа што го интересира или дел од тоа на што работи во моментот. На пример, Никола, како некој што го поминал целото свое образование во странство, беше фасциниран од тоа колку студентите во Македонија не поставуваат прашања. И беше решен да успее да ги натера децата да почнат да поставуваат прашања.

И така се роди напреварот „Постави прашање“. Менка е физичар што сака да работи со деца, па секогаш има да сподели некој интересен концепт за работилница. Бојана е биолог, голем вљубеник во природата и науката, а очигледно и во јагликите, затоа што тоа е нејзин прокет. Дафинка е супер со деца и на забавен начин успеа да им пренесе како да програмираат во „Скреч“. Од експериментите на Менка, заедно со Никола создадовме пакетче со експерименти и осмисливме работилница околу тоа. Значи, секој со својот талент е вклучен и придонесува кон развивање на содржините. Се среќаваме често, и работно и на онлајн пиво средби. Иако работните средби се предвидени за бреинсторминг, сепак најдобрите идеи ги добиваме во „среда на пиво“.

Зошто е важно децата од мала возраст да бидат опкружени, запознаени со научни содржини кои се составен ден од секојдневието?

– Затоа што старите велат дека се учи теле, а не вол.

Сподели