„Пегаз“ за романот „Кривата Дијана“ од Фросина Пармаковска

„Кривата Дијана“ отскокна од конкурентски ракописи зашто е проза на актуелниот момент, на вчерашноста и на сегашноста, со антиципација на иднината заглавена во тркалото на колективната несреќа во општества какво што е македонското, пишува во образложението на жирито

„Кривата Дијана (роман за верижната вина)“ од Фросина Пармаковска ја доби книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2025 година. Во најтесниот избор беа романите: „Пацер“ од Коста Бојчески, „Изгубени низ дупки во џебовите“ од Владо Јаневски и „Солдат 1882“ од Добре Тодоровски.

Ова беше 7. конкурс за наградата „Пегаз“, што ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. На повикот пристигнале 45 ракописи. За победникот одлучуваше тричленото стручно жири составено од: Соња Стојменска-Елзесер, професорка и писателка, Иван Додовски, професор, писател, книжевен и театарски критичар и Бисера Бендевска уредничка во „Арс Ламина“.

Во образложението на Комисијата пишува дека „Кривата Дијана“ отскокнал од конкурентски ракописи зашто е проза на актуелниот момент, на вчерашноста и на сегашноста, со антиципација на иднината заглавена во тркалото на колективната несреќа во општества какво што е македонското.

– Следејќи ја личната приказна на неименуваниот наратор, за кој уште од првите страници добиваме назнака дека поминува низ некаква траума, го следиме формирањето на синџирот на заедничката траума, што го создаваат индивидуалните постапки, премолчувањата, инертноста, пасивноста и резигнираноста. Во овој роман, напишан со длабоко понирање во душата, со непретенциозна религиозна нота и со интроспекција на внатрешните немири, препознаваме траги од творечката преокупација на Достоевски, кај кого вината е најчесто морално-духовна и онтолошка, и која не е ограничена на личниот чин, туку се пренесува во сферата на меѓучовечката и на космичката одговорност. Иако романот содржи суптилна критика на политичката моќ претставена преку персонифицираниот „систем“ како нешто отпорно на промени и суверено, сепак, тоа не ја компромитира книжевната вредност на романот, напротив, од него прави книжевна тема – велат од „Арс Ламина“.

Фросина Пармаковска (Скопје, 1985) дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на катедрата за Општа и компаративна книжевност. Магистрирала на Институтот за македонска литература, на тема „Варијации на магичниот реализам во светскиот и во македонскиот роман“. Член е на ДПМ од февруари 2018 година.

Имала многубројни претставувања на домашни и на меѓународни настани. Авторка е романите – изданија на „Или-Или“: „Сè уште можам нешто да сторам“ (2023); „На враќање“ (2020); „Одбројување“ (2017); „Вишнова хроника“ (2014); „Пишувајќи ги изгубените топки“ издание на „Култура“. Нејзините романи се преведени на неколку јазици. Добитничка на наградите: Роман на годината за романот „Одбројување“ (2017). Во 2018 ја доби наградата за најуспешен автор меѓу два саеми на книгата, доделена од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ). Награда „Рациново признание“ за романот „Сè уште можам нешто да сторам“, кој беше финалист за наградата Роман на годината во 2024 година.

Досегашни добитници на наградата „Пегаз“ се романите: „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук (2019), „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски и „Лазарка“ од Љупчо Петрески (2020), „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков (2021), „Зелениот дворец“ од Сибо (2022), „Риба во(н) мрежа“ од Јована Матевска-Атанасова (2023) и „Ехото на акробатите“ од Владимир Јанковски (2024).

Веќе е отворен 8. конкурс за наградата „Пегаз“ за 2026 година. Можат да конкурираат сите необјавени романи напишани на македонски јазик, наменети за возрасни. Ракописите треба да ги достават самите автори, на електронската пошта pegaz@arslamina.com, како ворд или ПДФ-документ, најдоцна до 1 јуни 2026 година.

Сподели