Во Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово утревечер во 19.30 часот ќе биде отворена изложбата на скулптури „Паралелни светови – талог“ од Соња Поповска-Трајковска. Таа ќе се претстави со дваесетина скулптури од најновото творештво. Поповска-Трајковска за првпат излага пред кумановската публика.
Скромниот дух е рефлексија на творечкиот хабитус на Соња Поповска-Трајковска, пишува историчарот на уметност Роберт Цветковски.
– Сепак, да се дојде до еден метафизички наслов мора во себе имате интимистичко футуристички и креативни компоненти за создавање на целосна слика со мозаична визија – вели Цветковски.
Соња Поповска-Трајковска (1969, Скопје) дипломирала скулптура со во Скопје. Работи во различни материјали метал, дрво, керамика. Идејата во своето ликовно изразување ја раскажува и пренесува преку слободни форми во зависност од материјалот во кој работи. Истражувајќи за нови тенденции во изразувањето ја прифаќа современата техника и технологија. Во последните изложби ја користи керамиката како медиум во кој сака да истражува со скулпторскиот израз. Работи различни форми од актови до слободни апстрактни форми, мала пластика. Реализирала повеќе самостојни изложби, а учествувала на многу групни претставувања. Изложбата во Куманово ќе биде отворена до 18 септември.





