31. издание на најзначајниот Филмски фестивал во регионот – во Сараево, ќе биде отворено со премиерата на филмот „Павилјонот“ во режија на Дино Мустафиќ. Македонија е една од земјите копродуценти, со продуцентската куќа „Круг филм“ од Скопје. Фестивалот ќе се реализира од 15 до 22 август.
Станува збор за црна комедија за група жители на дом за стари лица, кои по години понижувања и злоупотреби, решаваат да подигнат вооружен бунт. Филмот се одликува со исклучителна актерска екипа од целиот Балкан, меѓу кои се Раде Шербеџија, Зијах Соколовиќ, Миралем Зубчевиќ, Ксенија Пајиќ, Јасна Диклиќ, Мирјана Карановиќ, Ермин Браво, Албан Укај и Мето Јовановски.

Македонија е копродуцент заедно со партнери од Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија и Црна Гора.
-Овој проект е уште една потврда за важноста на регионалната соработка и за активното учество на македонскиот филмски сектор на меѓународната сцена. Чест е што македонски филмски професионалци се дел од отворањето на 31. издание на Сараевскиот фестивал, со филм кој преку хумор и храброст се осврнува на општествените прашања и личната совест. Со нетрпение го очекуваме прикажувањето на „Павилјонот“ и и’ честитаме на целата екипа на овој значаен успех! – велат од македонската Агенција за филм.






