Македонското општество со години е исправено пред голем тест – предизвикот наречен корупција, која не е само кршење на законот, туку и огледало на нашата храброст, на нашата решителност и на подготвеноста да се сплотиме кога е најтешко. Токму силата на едно општество не се мери со бројки, туку со свесноста и одлучноста на граѓаните да застанат едни до други и да кажат: доста е! Борбата против корупцијата е моментот во кој можеме да докажеме дека не прифаќаме неправда и не молчиме пред неа.
Ова се дел од пораките на кампањата „0% корупција – Ајде да е вистина!“, која се реализира преку проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“ во соработка со Министерството за внатрешни работи. Кампањата ги повикува сите граѓани активно да с вклучат во борбата против корупцијата.
– Без разлика дали си ученик, родител, доктор, административец или „обичен“ граѓанин, твојот, мојот, нашиот глас и пријава имаат значење. Кога ќе одлучиме да не молчиме, ќе започнеме со вистинска промена. Кога ќе се охрабриме и ќе пријавиме корупција, ќе направиме чекор со кој ќе почнеме да го уриваме ѕидот на стравот и неказнивоста. Тоа е темел на општество во кое владеат правдата, законот и еднаквоста – велат креаторите на кампањата.





