Во Музејско – културниот центар „Лапидариум“ во Охрид утревечер во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Патот на фреската“ од Ангелина Спировска и Владо Мукоски. Авторите ќе се претстават со 17 дела изработени во текот на оваа година. Изложбата на современи фреско слики претставува современ визуелен дијалог со традицијата. Делата се изведени во автентичната фреско техника, но носат мотиви и пораки кои говорат на јазикот на денешнината.
Ангелина Спировска и Владо Муковски се академски ликовни уметници и конзерватори за ѕидно сликарство, кои повеќе од две децении активно дејствуваат во полето на уметноста и заштитата на културното наследство. Нивниот заеднички интерес за фреско техниката ги води кон истражување и создавање на современи дела изведени во оваа многу стара и заборавена сликарска техника.

Како уметници и професионални конзерватори на ѕидно сликарство, Спировска и Муковски го користат своето професионално знаење и искуство за да создадат дела што не се само технички доследни на фреско техниката, туку и естетски концептуално предизвикувачки. Инспирирани од духот на византиското сликарство, авторите го ослободуваат фреско изразот од сакралната догма и го пренесуваат во едно ново, уметничко и современо значење.
Изложбата ја организира Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј од Охрид, со поддршка од Министерството за култура и туризам.





