„Партенопе“: Метафората на Неапол и судбината на убавината

Во „Партенопе“, Паоло Сорентино ни нуди длабоко рефлективна и метафорична приказна за судбината на жената која го носи името на својот роден град, но не пронаоѓа мир во неговите прегратки. Ова е филм кој говори за убавината како благослов и проклетство, за меланхолијата на Неапол, и за психолошките состојби кои ги предизвикува животот во еден толку суров, но истовремено магичен свет.

Филмот го следи патот на Партенопе од нејзиното раѓање во 1950 година, преку летата на нејзината младост и нејзините безброј љубови, до зрелоста, каде што секоја емоција се претвора во река на болка и копнеж. Неапол, како нејзиното име и дом, е централната метафора. Градот е истовремено убав и суров, прекрасен и трагичен, токму како и животот на Партенопе. Овој контраст е маестрално прикажан преку кинематографијата на Дариа Д’Антонио, која го опфаќа раскошот на неаполските пејзажи и мрачната страница на сиромашните квартови.

Убавината како проклетство

Партенопе ја носи убавината како товар низ целиот свој живот. Ниту нејзината физичка привлечност, ниту нејзиниот град, не и носат вистинска среќа. Напротив, таа убавина е проклетство, кое ја турка Партенопе во најмрачните делови на општеството и општествените очекувања. Во светот на филмот, убавината е слична на војната – отвора врати, но никогаш не гарантира мир или олеснување. Паретнопе, од едно радосно младо девојче, полека се претвора во жена која се справува со товарот на својата убавина и несреќната судбина.

Кинематографија и музика

Дариа Д’Антонио го прикажува Неапол преку една темна и непријатна перспектива – за неа, работата на овој филм била тежок предизвик. Овој пристап е клучен во поентата на филмот – градот е магичен, но неговата убавина не е безбедна. Контрастот помеѓу светлите пејзажи и мрачните агли на Наполи, од раскошните вили до сиромашните квартови, го нагласува двојството на животот во градот.

Музиката на Леле Марчители маестрално го следи овој наратив, надополнувајќи го со длабоки, емотивни акорди кои ги оживуваат меланхоличните сцени и носат чувство на копнеж и носталгија.

Психолошка длабочина и антропологија на душата

Филмот носи длабоки психолошки состојби кои ја изразуваат кршливоста на човечкиот дух. Животот на Партенопе е епопеја без херојство, полн со љубови кои се вистински, бесцелни и неописливи. Крајот на филмот остава силен впечаток со сцената каде Партенопе го прашува својот професор што е антропологија, и конечно добива одговор – „тоа е видување“. Оваа едноставна фраза ја отвара вратата кон длабокото размислување за животот и човечката природа.

Сорентино создава ремек-дело со „Партенопе“. Тој комбинира длабоки емоции, визуелна убавина и маестрално раскажување, со перфектна музичка подлога и глумци кои се совршено избрани. Целесте Дала Порта како младата Партенопе, и Стефанија Сандрели во улогата на возрасната Партенопе, носат комплексни и моќни изведби. Гери Олдман, како американскиот писател Џон Чивер, внесува дополнителна доза длабочина и интроспекција во филмот.

На крајот, „Партенопе“ не е само филм за еден град или една жена – тој е поетски рефрен за човечката душа и нејзината судбина, за убавината која не носи секогаш среќа, и за долгото патување низ животот кое го открива вистинското лице на љубовта и трагедијата. (А.Т.)

Сподели