Се трудам да создадам моја лична патека. Одбивав понуди да работам во Соединетите Aмерикански Држави, а правев филмови во Казахстан, вели Дилевска
На 12 години се вљубив во филмот. Учев од професори за кои камерата беше света и беше голема привилегија да се учи од нив. Благодарение на неа, можеме да го запреме времето и да направиме нешто извонредно, рече на вчерашниот мастер-клас полската кинематограферка Јоланта Дилевска што се одржа во Битола, во рамките на 45. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Таа ја доби специјалната „Златна камера 300“. Дилевска зборуваше за почетоците, за нејзиниот професионален живот и за снимањето на ремек делото „Во мрак“.
– Ученик сум на Полската филмска школа, основана во 1948 година која е активна и денес. Основачите на оваа школа ми беа професори. Тие беа дел од Црвената армија додека траеше војната и знаеја дека снимаат историја. Камерата за нив беше света. Верувам дека беше голема привилегија да се учи од нив. Камерата за мене е метафизички елемент. Благодарение на неа можеме да го запреме времето и тоа е нешто извонредно – рече Дилевска.

Јоланта Дилевска
Филмовите на кои работи ги избира кога ќе види дека нејзиното учество во нив е важно. Сака да избира проекти кои прават промени, вклучително и во нејзиниот живот. Вели дека има многу неверојатни кинематографери во светот и знае дека многу од нив може да создадат извонредни филмови.
– Сепак, јас се трудам да создадам моја лична патека. Одбивав понуди да работам во Соединетите американски држави, а правев филмови во Казахстан – рече Дилевска.
Таа се осврна на своето ремек-дело, „Во мрак“, за кое кажа дека ја прикажува Полска како гробница за еврејскиот народ.
– Филмската екипа живееше во селото. Беше многу тензично, тоа беа вистински протагонисти, кажа таа.
Она што Дилевска го демонстрира во оваа потресна драма за холокаустот на Евреите во Втората светска војна е врвен дострел од аспект на фотографијата, која, како што сугерира самиот наслов, е снимана во речиси апсолутен мрак, ретко виден и доживеан во светскиот филм. За да го долови ужасот во криењето на група Евреи бегалци во канализациското подземје на градот Л’вов/ Л’вив (во времето на окупацијата полски, денес украински град) – Дилевска креира визуелен мрак, своевидна црно-бела фотографија во колор, што од стручњаците е оценетa како врвно мајсторство. За ова филмско ремек-дело, Дилевска триумфираше на фестивалот „Браќа Манаки“ во 2012 година, кога ја освои „Златната камера 300“.
Kога би можела сега да ја советува младата верзија на себе, би си рекла: „Секогаш биди вистинска, верувај во себе и во својата емоционална интелигенција.“ Таа зборуваше и колку е важна соработката меѓу членовите во тимот кој работи на снимање на филм.
– Без мојот технички тим, јас сум никој. Важно е какви се како луѓе, освен како професионалци. Ние сме тим, многу е важно да се запознаеме и да си ги знаеме и добрите и послабите страни. Довербата е клучна – додаде Дилевска.
Таа им порача на младите да ја знаат историјата на филмот и да не се плашат да ризикуваат и да пробуваат нови работи. Дилевска е родена во Вроцлав, Полска, во 1958 година, а се школувала и дипломирала режија и кинематограферство во 1989 година на прославената „Леон Шилер“ национална филмска, ТВ и театарска школа во Лоѓ, расадникот на многу генерации филмски уметници, особено кинематографери. Со стекнатото искуство и светско реноме, Дилевска е ангажирана како професорка на Филмската школа во Лоѓ, а предава и на престижната филмска академија „Баден-Виртемберг“ во Лудвигсбург, Германија.





