„Ова е само крајот на светот“ е емоционален ролеркостер за одложувањето на вистината во семејствата

Претставата „Ова е само крајот на светот“ во режија на Теа Беговска ќе ја има својата премиера утревечер во 20 часот на сцената на Драмскиот театар. Ова е прва премиера на Драмски од годишната програма и е дел од одбележувањето на 80-годишнината од основањето. Станува збор за семејна психолошка драма на францускиот автор Жан-Лик Лагарс напишана во 1995 година. Овој текст за прв пат се поставува во Драмскиот театар.

Преводот и адаптацијата на текстот „Ова е само крајот на светот“ ги направи режисерката Теа Беговска, а во уметничкиот дел од тимот на претставата работеше сценографката и костимографка Надја Василева-Ковачовска, гостинка од Бугарија. Музиката во претставата е на Енес Беговски. Мултимедијалниот дел и видеоматеријалот ги подготвија: оператор на камера Велимир Стојановски, видеооператор Матеј Трајковски и технички координатор Михаил Узунов. Инспициент на претставата е Гоце Бојчев, а суфлер Жаклина Цветковска.

Режисерката Теа Беговска на вчерашната прес-конференција се заблагодари за можноста да ја работи „Ова е само крајот на светот“ и нагласи дека имала прекрасен тивок процес, а текстот повеќе од десет години посакувала да го постави. Играат: Стефан Вујисиќ, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Александар Степанулески, Сара Климоска и Ања Митиќ.

„Ова е само крајот на светот“ е активна, современа, длабоко емотивна тема во која членовите на семејството се толку блиску еден до друг физички, а секој живее во својата вселена. Од медиумски аспект, претставата е хибрид на театарски и филмски елементи што публиката ќе ги следи преку видеопроекции.

Претставата во времетраење од час и половина, ја третира комуникацијата со најблиските, работите што често се премолчуваат во семејството. Неколкучасовна семејна илузија на фамилија како и секоја друга, која ќе го задржи вниманието на публиката и ќе ја остави без здив, зашто нема совршено семејство – многу работи се премолчуваат, а на некој начин, сепак се комуницираат.

„Ова е само крајот на светот“ зборува за одложувањето на вистината и колку тоа може да биде опасно, колку може да стане страшно зашто ако не комуницираме дома и ако не го кажеме дома проблемот, тогаш каде би го кажале на друго место. Сите искрено и чесно влеговме во проектот, имавме смирен и убав процес. Направивме искрена и жива претстава во однос на личното доживување на актерите како карактери. Се запознав со текстот уште во 2015 – 2016 година преку филмот на Хавиер Долан и оттогаш тлее мојата желба да се реализира овој проект, рече Беговска на прес-конференција.

Според Василева Ковачевска, темата е исклучително актуелна, но и многу важна.

Секој од нас многу искрено влезе во проектот, многу се зближивме. Актерите играат прекрасно. Живееме заедно на толку мал простор, а како секој од нас да е на некое посебно островче, како да е секој своја вселена, рече Василева Ковачевска.

Според главниот актер, Вујисиќ, станува збор за минималистичка игра која е предзивик да се долови на голема сцена.

Се обидовме да доловиме еден јазик на сцена и мислам дека успеавме. Имаме и техничка поддршка, камери што снимаат од три пункта. Тоа заначи дека ова е своевиден хибрид на медиуми што има и филмски и театарски елементи, истакна Вујисиќ.

Климоска очекува, како што кусо рече, дека публиката ќе ја препознае искреноста на сцена.

Нашата претстава е емотивен ролеркостер, недостигаат многу делови од сложувалка кои не можат да се најдат или да се нацртаат. Ова е неколкучасовна илузија ако се одвива во реално време во кое не можат да се решат многу семејни работи и проблеми. Се надевам дека ќе задржи големо внимание кај публиката, истакна Драгиќевиќ-Пројковска.

Митиќ сподели дека претставата е возбудлива зашто членовите на семејството се обидуваат да ги споделат премолечните работи – кој колку е подготвен и кој колку сака да прифати.

Работите не ги кажуваме директно, но на некој начин ги комуницираме меѓу себе и тоа беше возбуидлив предизвик, рече актерката.

Актерката Билјана Драгиќевиќ-Пројковска го игра ликот на мајката.

– Претставата е еден емоционален ролеркостер во која гледачите во 90 минути ќе можат да ја почувствуваат илузијата на едно семејство и да посведочат како со премолчување семејството ги споделува работите, најчесто со одложување на вистината – рече таа.

Следната изведба на претставата е на 21 март во 20 часот.

Сподели