Визуелната уметница Пандора Апостолоска-Саздовска од 21 февруари до 19 април учествува на сликарски симпозиум во Португалија, по покана од кураторот Арлиндо Арез. На симпозиумот има учесници од Шпанија, Португалија, Монголија, Азербејџан, Полска, Романија, Италија, Словенија и од Македонија. Делата од сите учесници ќе бидат изложени во Музејот „Портимао“.
Апостолоска-Саздовска работи на делото „T-ERROR“ – концептуално и визуелно истражување за една од најдлабоките трауми на човештвото и не е само критика на религиозниот фанатизам, туку и дијагноза на современата состојба на духот.
– Делото ја преиспитува природата на религијата како извор на смисла и како инструмент на поделба. Тоа е визуелна медитација за грешката на човештвото што ја меша верата со моќта. Филозофски гледано делото ја отвора дилемата дали Бог е причина за војната или човекот ја злоупотребува идејата за Бог? И нè повикува да размислиме дали вистинската духовност може да постои таму каде што другиот се доживува како непријател, и дали најголемата грешка не е во религијата самата по себе, туку во човековата потреба да ја претвори во инструмент на доминација. Така делото станува огледало на современиот свет, во кој светото се користи како оправдување за насилство и моќ, а човечноста останува најголемата жртва – вели уметницата.
Пандора Апостолоска Саздовска е визуелен уметник, активист и истражувач. Нејзината уметничката практика е насочена кон меѓучовечките односи истражувајќи ги аспектите на војната и насилството како социо-политичка појава. Во нејзината богата творечка кариера има реализирано изложби во музеи, галерии, амбасади, центри за современа уметност, вклучувајќи го Музејот за современа уметност во Македонија, националниот музеј Assam State Museum Kalakshetra во Индија, Mark Rothko Museum во Летонија, национален музеј Xi An во Кина, центарот за современа уметност Art Hub во Абу Даби, Heydar Aliyev Foundation во Азербејџан и други. За нејзината работа наградена е од Европскиот град на културата Умеа „UMEA 2014“ во Париз, Франција, награда за сликарство „Ex Tempore“ во Грожњан, Хрватска, бронзена плакета за акварел „Калдаш да Риња“ во Португалија и прва награда за сликарство „Forma Viva“ во Словенија меѓу другите признанија, грантови и студиски престои.





