Авторката Ана Стојаноска за своето дело „Приказната“ ја доби наградата за најдобра песна на манифестацијата „Празник на липите“, што се одржа синоќа во Градскиот трговски центар. За наградата одлучи жирито во состав: Фросина Пармаковска, Зоран Пејковски и Давор Стојановски.
„Празник на липите“ ја организира Друштвото на писателите на Македонија.
ПРИКАЗНАТА
Некогаш, не така одамна,
во задушна летна ноќ,
помеѓу неколку туѓи животи,
Тој со насмевка во очите
и Таа со море во рацете –
премин најдоа
меѓу нивните паралелни светови.
Имаше музика во приказната.
И многу ситни, непотребни детали:
• Некој што го чека дома,
• Годините во расчекор,
• Неколкуте различни светови што за свои ги имаа,
• Ветровите што тој ги носеше,
• Водата од нејзините соништа,
• Неможноста да бидат искрени.
А и не беше лесно да се премине.
Паралелните универзуми знаат да имаат
досадни клучари
што потсетуваат дека:
• Љубов може само ако е слобода!
• Туѓо не посакувај!
• Боли ако зачепкаш кај што не треба!
• Ако е едниот пребрз во воздишките и тоа е пречка.
И молк имаше.
Густ како планинска магла во утринска роса задавена.
И таа што не разбираше
како тој не гледа
дека смисла имаат само ако се заедно.
Некои приказни имаат многу отстрадани чекори.
А требаше да биде лесно:
• Да ѝ шепне дека ќе дојде.
• Да ја посака како што таа сакаше.
• Сите болки да ги избрише и празнотијата да ја избрка.
• Таа да не го лаже дека може така.
• Дека го сака за секое делче денствување, за секоја ноќна мирнотија.
Ко во секоја добра приказна
имаше и помошници и противници
и прстофат ѕвездена прашина.
Само крај немаше.
Така е тоа во паралелните светови.
Никогаш крајот не е дофатлив.
Колку и да звучи неутешно.





