3.000 денари повисока плата за 141 наставник унапреден во ментор

Вкупно 141 наставник од основните училишта е унапреден во звање ментор по првиот конкурс што го објави Министерството за образование и наука.

– За првпат по цела деценија системски се решаваат долгогодишните барања на наставниците за кариерен напредок и развој – велат од МОН.

Унапредувањата се во согласниост со Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, а избрани се преку јавен оглас. Сите унапредени наставници ќе имаат додаток на плата од околу 3.000 денари од септември, со почетокот на новата учебна година.

Наставник-ментор е трето ниво во професионалниот развој, по приправничкото и наставничкото ниво. Менторот ќе го води наставникот-почетник низ училишни активности и ќе му помага да стекне потребни умеења и вештини за самостојна работа како наставник. Ќе ги менторира и студентите од факултетите за наставници, треба да користи иновативни приоди и да им помага на колегите во спроведување на акциски истражувања, да учествува во изготвување на развојни политики на училиштето.

– Наставниците-ментори ќе бидат вклучени во спроведувањето на новата Концепција во основно образование, која стартува од септември 1. и 4. четврто одделение, а реформските процеси во деветолетката целосно ќе се имплементираат во следните 5-6 години – велат од МОН.

За да може да конкурира за ментор, еден наставник треба да има најмалку 7 години работно искуство како наставник, да е вработен на неопределено работно време и да ги исполнува професионалните стандарди за наставник – ментор. Во тек е вториот јавен повик за наставници-ментори, а краен рок за аплицирање е 15 јули. Повеќе информации за заинтересираните наставници на овој ЛИНК.

Насловна фотографија: МОН

 

Сподели