Отворена седмата меѓународна биенална изложба „Екс либрис“ во КИЦ – Скопје

Седмата меѓународна биенална изложба Ex Libris е отворена синоќа во салата Империјал 1 во Културно-информативниот центар во Скопје. Темата на биеналето е „Отпечатоци на еднаквост – траги од внатрешното ‘јас’“. Биеналето претставува не само изложба на отпечатоци, туку и колективна рефлексија: Какви траги оставаме за идните генерации и чии гласови ќе бидат запаметени?, вели Тања Иванова, претседател на „Реактор“, што ја организира изложбата.

– Екс либрисот нема да го сретнете ниту на насловна страница, ниту, пак, во центарот на внимание. Тој лежи внимателно поставен и затскриен на внатрешната корица. Екс либрисот е отпечаток под површината, белег на прагот меѓу надворешното лице на книгата и нејзиниот внатрешен свет. Токму затоа може да се каже дека екс либрисот ѝ ја дава на книгата нејзината препознатливост, авторство и припадност. Оваа кураторска перспектива отвора моќни метафори за нашето време. Како екс либрисот, така и отпечатоците на жените често се наоѓаат под видливата површина на општеството – самоопределувачки и од суштинско значење, но не секогаш препознаени. Меѓутоа, иако не ги среќаваме на предните корици на историјата, тие сепак ја сочинуваат нејзината содржина. Нивните придонеси го обликуваат идентитетот на нашите заедници и истории, дури и кога не се првото нешто што светот го забележува – вели Иванова.

Во време кога еднаквоста и правдата често се третираат како фусноти, наместо ударни вести, екс либрисот нè потсетува дека вистинската приказна често е затскриена, но дека нејзините отпечатоци го издржуваат тестот на времето. Чинот на обележување – било на хартија, во општеството или во сеќавањето – е начин да се отфрли молкот. Така, секој екс либрис, колку и да е мал, претставува засебен глас; а заедно создаваат архива на истрајност, креативност и надеж.“

„На овој начин, Биеналето останува верно на својата традиција да го слави екс либрисот како мала уметничка форма со големо значење. Темата е наменски широка, отворајќи простор за дела што го истражуваат личниот идентитет, културната припадност, општествената критика, феминистичките наративи и колективното сеќавање. Таа отвора простор за тивки чинoви на отпор, односно гестови што впишуваат присуство таму каде што тоа најчесто се занемарува. Со оваа широка рамка, Биеналето ги повикува уметниците да ги протолкуваат маргините и отпечатоците низ лични и колективни димензии.“

Сподели