Отворање на книжевно-филмскиот клуб „Пат кон Истокот“

Во Base42 во Скопје (кај „Веро“ во Тафталиџе) во сабота (25 октомври) во 12 часот официјално ќе биде отворен книжевно-филмскиот клуб „Пат кон Истокот“, заеднички проект посветен на љубителите на литературата и филмот од земјите на Источна Азија.

Иницијативата е на организацијата „Пагода“ и Друштвото за македонско-јапонско пријателство и соработка, произлезена од желбата да се создаде простор каде што филмот и литературата од овие земји ќе најдат своја публика, а љубителите на источноазиските култури ќе можат да разменуваат идеи и искуства. На првата средба ќе се одржи дискусија за романот „Продавачката“ од Сајака Мурата, издание на ТРИ, а домаќинка ќе биде Илина Јакимовска.

– Клубот ќе функционира во отворен формат, со средби на секои три месеци. Книжевниот дел ќе биде посветен на автори од Источна Азија, додека филмскиот дел ќе опфаќа проекции и анализи на филмови тематски поврзани со литературата што ја обработуваме. Членството е бесплатно и отворено за сите заинтересирани, без разлика дали ја имаат прочитано книгата – велат организаторите.

„Пагода“ е организација посветена на промоција и приближување на источните азиски култури во Македонија. Преку мултимедијални настани, изложби, панел-дискусии, презентации, забави, работилници и едукативни содржини, „Пагода“ ја претставува богатата традиција и современата динамика на земјите како Кина, Јапонија и Јужна Кореја. Целта на организацијата е да создаде простор каде што љубителите на источноазиските култури можат да учат, споделуваат и уживаат во нејзината разновидност, истовремено градејќи заедница што ги поврзува културите на Истокот и Балканот.

Сподели