„Жените зад насловите: 80 години медиумска историја“ е насловот на изложбата која вечерва во 19.30 часот ќе биде отворена во скопското кафуле „Излет“. Изложбата ја организираат Сојузот на синдикатите на Македонија и Женската медиумска мрежа „Еднаква“ кои селектирале 30 жени кои со својот професионален ангажман оставиле печат и трага во медиумите во последните 80 години.
– Жените играат клучна улога уште од првите денови на македонското новинарство. Нивното присуство не било само симболично, тие влијаеле врз етаблирање на професионалните стандарди, отворале авангардни теми што го менувале општеството и биле глас за оние што останувале без глас во јавноста – велат организаторите.
Преку нивните фотографии ќе бидат претставени првите уреднички, значајни имиња од почетната ера на македонскиот радио и телевизиски пренос, првите репортерки, монтажерки, камерманки, фоторепортерки кои отворале општествени и политички, прашања за култура, образование и социјална правда во јавната сфера. За потребите на изложбата стартапот tytl.app го изработил дигиталниот глас на Бранка Станковска со вештачка интелигенција.





