Креативните драмски работилници за основци и работилници по хрватски јазик за возрасни се одржуваат деновиве во Домот на културата „Кочо Рацин“ („Ко-Ра“) во Скопје во рамките на меѓународната соработка меѓу Македонија и Хрватска. Драмските работилници се наменети за ученици од 6 до 8 одделение, а со нив раководат хрватската режисерка д-р Франа Марија Вулиќ Вранковиќ и нашата театарска глумица и режисерка Изабела Новотни. Во тек се и креативните работилници по хрватски јазик за возрасните што ги држи д-р Сања Вулиќ, професорка на Факултетот за хрватски студии на Универзитетот во Загреб и на Факултетот за драмски студии.
Предавањата на Вулиќ се од областа на хрватската историја и културна ризница, како и запознавањето со великаните на хрватската книжевност. Креативните работилници и предавањата кои се од научен карактер со интерактивен пристап. Вулиќ гостува со предавањата на бројни универзитети ширум светот, во Јапонија, Германија, Австрија, Канада, Унгарија, Полска, Украина и во други земји. Таа е автор и коавтор на бројни книги, повеќе од 180 научни и 300 стручни трудови. Одржала повеќе од 200 јавни предавања во и ширум светот.





