Кај нас, најсочувани такви претстави од овој период потекнуваат од крстилницата во Стоби, град кој бил еден од најважните и најголемите епископски центри во римска Македонија
Рака на светец, насликана на фреска во црква од 5 век пронајдоа археолозите од Куманово на археолошките истражувања во Градиште-Бислим, во селото Пчиња. Иако се работи за мал фрагмент, тој недвосмислено кажува дека во тој дел од црквата имало насликано фигура на светец, велат археолозите. Пронајдокот фрла нова светлина на ранохристојанскиот период во Македонија.
– Фигуралните, односно човечките претстави во ранохристијанското сликарство се исклучително ретки. Кај нас, најсочувани такви претстави од овој период потекнуваат од крстилницата во Стоби, град кој бил еден од најважните и најголемите епископски центри во римска Македонија. Сознанието дека ранохристијанската црква откриена во селото Пчиња била украсена со претстави на светители, односно човечки фигури, претставува огромно изненадување за научната јавност. Не само поради навидум тешкиот пристап на овој предел до главните патни комуникации (а со тоа и до цивилизациските текови), туку и поради непостоење на вакви наоди во многу поголеми и позначајни ранохристијански црковни седишта во регионот и пошироко. Од друга страна, пронајдениот престол во олтарот исто така сугерира дека ова црква веројатно имала повисок статус отколку што претпоставувавме на почетокот од истражувањето – вели раководителот на ископувањето, Дејан Ѓорѓиевски, археолог од Музејот во Куманово.

Проектот се одвивал во две фази – подготовка на локалитетот за ископување и самото ископување. Густата вегетација и огромното количество на камен во делот кој го истражувале ги принудило археолозите да истражуваат на мала квадратура која морале внимателно да ја изберат.
– И ни ги даде очекуваните резулати – вели Ѓорѓиевски.
Тие работеле во и околу новооткриената ранохристијанска црква на источниот раб на локалитетот. Во црквата го ископувале просторот во југоисточниот агол, каде пронашле остатоци на 4 последователни подни структури кои во текот на неколку векови ја покриле најстарата црква. Ѕидовите и подот на најстарата црква ги откриле во целиот источен дел на јужниот кораб на базиликата. Таму претходно евидентирале конструкција во која биле депонирани скршени стаклени лампи од црковниот полиелеј од 5 век.

– Со истражување на наодите кои оваа конструкција ги покрила, наидовме на постари фрагменти од фреско декорација, со претежно геометриска орнаментика, кои ги датираме во втората половина на 4 или самиот почеток на 5 век. Големо изненадување за нас беше фрагментот од фреска на кој има сочувано претстава на рака на светител – вели Ѓорѓиевски.
Фазите на обновата на црквата се видливи од внатрешната и од надворешната страна на градбата. Тие зборуваат за долг временски интервал на нејзино функционирање и користење.
– Затоа, освен тоа што е важно целосно да ги истражиме најраните фази, исто толку е важно и да определиме до кој век таа била во употреба. Зависно од финансиите, за следната година планираме да продолжиме со истражување на градбата кон запад, за да се види нејзината должина и форма – вели Ѓорѓиевски.

Ископувањата се финансирани во рамките на годишната програма за работа на кумановскиот музеј од страна на Министерството за култура.
– Работевме со скромни 2500 евра, но со многу ентузијазам и успеавме да ја завршиме предвидената програмска активност и да постигнеме значајни откритија на локалитетот – завршуваат археолозите.





