Турската „Слугинки“, омаж за Каталин Ладик и предавање на словенечкиот продуцент Душан Пернат

На третиот ден на Млад отворен театар ќе бидат изведени две театарски претстави, а предавање во 17 часот на Факултетот за драмски уметности ќе одржи словенечкиот театарски продуцент Душан Пернат. Во 20 часот во денсинг салата на МКЦ ќе биде изведен перформансот „У.Ф.О – Омаж за Каталин Ладик“ на авторите Ирена З. Томажин и Јуле Флирл, а во 22 часот – на својата матична сцена, на Турскиот театар ќе биде изведена „Слугинки“ во режија на Сибел Абдиу.

Повеќе од четири децении работи како менаџер за меѓународни турнеи во Словененско младинско гледалишче. Со повеќе од шестотини турнеи во повеќе од триесет земји, во кои беа поставени повеќе од осумдесет претстави, тој значително го оформи меѓународниот идентитет на Младинско и го стави словенечкото театарско творештво на меѓународната мапа.

Разговорот со Душан Пернат, кој ќе зборува за неговите исклучително богати и интересни искуства и различните предизвици на често занемарената професија театарски продуцент, ќе го води Тања Дешко, театарски продуцент, управител на АРТАКТУМ, поранешен раководител на меѓународниот департмент во московскиот театар „Мастерскаја Пјотр Фоменко“.

Гостувањето на „У.Ф.О – Омаж за Каталин Ладик“ е дел од проектот „(Не)врзани Движења“, а е курирана од Биљана Тануровска-Ќулавковски, поддржан од програмата „Креативна Европа“.

Унгарско-српската поетеса и изведувачка Каталин Ладик се смета за „Јоко Оно на Балканот“ и пионерка на звучната и изведбената уметност во Југоисточна Европа: со SoundBodyPoetry од нејзиниот радикален боди арт перформанс UFO Party“од 1969 година, ја разбранува тогашната уметничка сцена и воспоставува методи на експериментален пристап кон гласот и танцовиот перформанс веќе во седумдесеттите години на 20 век. Во нивната прва соработка, германската танцова и вокална уметница Јуле Флирл и словенечката кореографка и вокалистка Ирена З. Томажин го слават заедничкиот интерес за уметничката позиција на Каталин Ладик: омаж што ги замаглува границите помеѓу поезијата, актерството и експерименталната работа со гласот, истовремено продолжувајќи го истражувањето на двете уметници во областа на физичкото искуство на јазикот и артикулацијата на различни слоеви на гласот.

Наменета е за публика над 16 години. Поголемиот дел од изведбата е на англиски јазик, но може да се проследи и без познавање на англискиот јазик.

Ирена З. Томажин е танчерка, експериментална пејачка и филозофка која работи во полето на театарот и музиката. Нејзината работа е предмет на анализа во делото на Бојана Кунст со наслов „The voice of the dancer“ и во делото на Софи Хер со наслов „Geste de la voix et théâtre du corps“. Исто така, повеќе нејзините текстови за филозофијата на гласот се објавени во различни уметнички публикации. Томажин има три албуми: „Crying Games“, „Taste of Silence“ и „Lump in the throat“. Нејзината работа е доследно истражување на нејазичниот глас како медиум во танцовиот перформанс.

Јуле Флирл е танцова и вокална уметница која развива практики за гласот, пренесувајќи го танцот во аудитивната област. Нејзината практика се создава помеѓу експерименталната кореографија и методите на соматско пеење, во кои таа развива дела за да ја разбранува врската помеѓу гледањето и слушањето. Таа го оживува и продолжува наследството на Валеска Герт, авангардна танцова уметница од Берлин во 1920-тите години, која прва го концептуализира терминот TonTanz – да се танцува со својот глас. Флирл го води поткастот From breath to matter во Берлин. Има работено заедно со Брајан Кембел, Мартин Нахбар, Ибрахим Кариши, Тино Шегал и Мег Стјуарт, меѓу другите.

Во „Слугинки“ играат: Селпин Керим, Џенап Самет и Дин Ибрахим.

Бунтот и крикот на младата генерација, која се соочува со низа проблеми и конфликти меѓу луѓето во време кога светскиот капитал е репер за моќ е основниата движека сила на „Слугинки“. Текстот на Жан Жане преку апсурдот го демонстрира самоволието на класните ознаки и вистинската борба на класната нееднаквост.
Слугинки е олицетворение на илузијата во функција на реакција против авторитетите каде што сестрите Соланж и Клер – слугинки на Мадам, преку играње улоги ги демонстрираат сопствените фрустрации и болки од потиснатоста на авторитетите.
Воедно, со инспирација од турскиот традиционален театар наречен „ортаојун“ во претставата ќе се користат кореографии и музика, кои ќе имаат голема улога во стилот на преставата, која може да се класифицира и како физички театар.

Сподели