Македонија годинава ќе биде во друштво на најдобрите 50 тима од целиот свет во FIRST LEGO лигата, која претставува глобална иницијатива која ги воведува децата во науката, технологијата, инженерството и математиката (СТЕМ) преку интерактивно и забавно учење базирано на пракса. Македонија на Светскиот шампионат што ќе се одржи од 2 до 4 мај во Софико, Коринт, Грција ќе ја претставува скопското основното училиште „Александар Македонски“ и тимот „Philips Revolution“. Тие постигнаа одличен успех на националниот натпревар по едукативна роботика – FIRST LEGO League Macedonia 2025 што се одржа на почетокот на март во Скопје и се пласираа директно на светскиот шампионат. Оваа сезона темата во домашната FIRST LEGO-лига беше „Истражување на океаните“.
– Океаните се срцето на глобалниот екосистем, а учениците имаа можност да создаваат решенија за зачувување и одржливост на океанските ресурси. Учествуваа 23 тима од цела Македонија, од 16 државни училишта од Скопје, Битола, Штип, Кочани и Тетово, што претставува најмасовен настан досега. Повеќе од 500 ученици и ментори со својата енергија, знаење и креативност покажаа што значи да се биде дел од иднината – велат организаторите.
Победничкиот тим од „Александар Македонски“ беше составен од учениците: Давид Галовски, Јордан Георгиевски, Елена Станчевска, Меглена Попова, Матеј Амбаровски, Николина Богданоска, Марко Медиќ, Калин Флоровски, Иван Аврамовски, Михаил Чичевски, Јован Ѓоревски, Јована Ужевска, Марко Стојаноски и Георгина Димовска.
– Со ова победа нашите млади генијалци покажаа што значи посветеност, неуморна работа и тимски дух. Во изминатиот период, тие вложија безброј часови во тестирање, дизајнирање, програмирање и стратегија. Но, зад секој успешен тим стојат инспиративни ментори и наставници, кои го предводеа тмот како најголема поддршка и мотивација – велат од тимот на „Philips Revolution“.
Со учениците работеле наставниците Благица Кузманоска, Снежана Андреевска, Елена Маневска, Надежда Јордановска, Татјана Ушинова, Рената Тодороска-Ѓорѓиевска и Сузана Станковиќ-Стефановска со поддршка од директорката Маја Буклеска.
Ова училиште ќе биде единственото од Македонија кое ќе учеството на Светскиот шампионат. За да ја исполнат својата мисија бараат финансиска поддршка од домашните институции, но и индивидуалци како начин за неопходно покривање на патните трошоци, котизацијата за натпреварот или сместувањето.
– Секој придонес ќе ни помогне да ја исполниме оваа голема мисија и да го донесеме нашиот тим на светската сцена – порачуваат од основците од „Александар Македонски“.
Можност за донирање на:
Банкарска сметка: 250-0010040672-87
Банка: Шпаркасе Банка
Назив на правно лице: Академија за роботика и иновации
Цел на дознака: спонзорство за учество на светски натпревар во FIRST® LEGO® лига Грција
Модел: PP30





