Во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Sehschärfenbestimmung/Проверка на диоптријата“ што ја организира фестивалот „Зрно“ во соработка со Галеријата „Герила“ од Виена и со „Центар-Јадро“. Станува збор за ревијална поставка која ги обединува љубителите на аналогната фотографија од Европа и пошироко. Голем дел од авторите се учесници на работилниците за благородни фотографски постапки кои ги организира фестивалот. 60 автори ќе се претстават со по едно дело, нудејќи широк спектар на креативни изрази и техники.
– Оваа изложба е можност да се доживее богатството на современата аналогна фотографија, која доживува своевидна ренесанса во светот. Во денешно време вистинските уметници се заситени од алгоритми врз кои немаат контрола, дела кои немаат авторски печат и тактилна димензија. Аналогната фотографија и старите благородни техники, кои ги негува „Зрно“, стануваат се попопуларни во светот на современата уметност – велат од фестивалот.
Од Македонија учествуваат: Кети Талевска-Бакревска, Мартина Павлоска, Сара Ислам, Сашо Алушевски, Еџе Али, Анѓела Танчевска и Филип Ицовски.





