А1 Македонија ја започна новата сезона предавања од едукативната програма која во изминатите осум години ја проследиле 8.500 четвртоодделенци
Учениците од четврто одделение од скопското основно училиште „Гоце Делчев“ учествуваа на новиот циклус работилници „Кликај безбедно“ во просториите на А1 Македонија. Со тоа почна и новата сезона предавања од истоимената едукативна програма за деца во рамките на второто полугодие од учебната 2025/2026 година. „Кликај безбедно“ е програма наменета за најмладите, преку која вработените во компанијата со интерактивни и едукативни предавања приспособени на возраста и на наставната програма, веќе осум години ги едуцираат четвртоодделенците за безбедно користење на интернетот. Преку практични примери и разговор, децата учат како да ги заштитат своите лични податоци и како одговорно да се движат низ дигиталниот свет.
Бранкица Толевска, раководителка на Одделот за корпоративна стратегија, бизнис-трансформација и корпоративни комуникации во А1 Македонија вели дека проектот продолжува за да одговори на сè поголемата потреба од едукација и освестување во дигиталното време во кое живееме.

– И годинава, преку серија интерактивни работилници, децата ќе научат како да ги заштитат своите лични податоци, да препознаваат и спречуваат различни форми на онлајн-насилство, да разберат како функционира вештачката интелигенција и да развијат одговорни и безбедни навики кога користат интернет. Со брзиот развој на технологијата и новите предизвици што ги носи, нашите посветени волонтери повторно ќе им бидат поддршка на најмладите во нивното онлајн патување. Со гордост ја продолжуваме оваа иницијатива, која ја поттикнува дигиталната писменост и безбедност кај децата – вели Толевска.
Директорката на „Гоце Делчев“, Маја Ангелова вели дека во вакви времиња, кога технологијата е неизбежен дел од секојдневието, клучно е децата да се едуцираат како безбедно и одговорно да го користат интернетот. Таа го поздрави залагањето на компанијата да ја унапредува дигиталната писменост кај младите и да ги охрабрува да ги препознаваат и избегнуваат онлајн-ризиците.
– Заедно со наставниците, педагогот и родителите работиме за да изградиме безбедна онлајн-заедница во која секое дете ќе може да учи, да се изразува и да напредува во дигиталниот свет – вели Ангелова.
До крајот на оваа учебната година предвидено е да се одржат 10 работилници во Скопје и во неколку градови низ државата. Од 2018 година досега, предавањата од програмата „Кликај безбедно!“ ги проследиле повеќе од 8.500 четвртоодделенци. Програмата се реализира во соработка со Министерство за образование и наука, со одобрение од Бирото за развој на образованието и во партнерство со Министерство за дигитална трансформација преку проектот MKSAFENET. Од А1 нагласуваат – „Интернетот не е само игра. Кликај безбедно“.





