Промоција на стрип-албумот „Лом: Бунарот на бесконечната јанѕа“ од Ивица Дукоски и Владимир Благојевиќ ќе се одржи вечерва во 19 часот во просторот „Лабораториум“ во Скопје. Изданието е на „Фликер студио“. Настанот е отворен за сите посетители, а стрипот ќе биде достапен по промотивна цена.
– „Лом: Бунарот на бесконечната јанѕа“ е епска фантазија со доза на егзистенцијална паника, нежна иронија, и судбина што не прифаќа мислења од други. Волшебникот Лом е исправен пред тежок избор: дали да ја следи Луси низ Портата на Јанус во свет без магија, инаку познат како Тексас, или да остане во Долината на Големото Ништо и да ја прифати улогата на племенски водач? Проблемот е што единствениот начин Луси да се врати дома води право кон Хегем, вештер со толку лоша репутација, што дури и гласините одбиваат да му пријдат поблиску… Ова издание е директно продолжение на стрип-албумот „Лом: Волшебникот од Големото Ништо“ од 2020 година – велат авторите.
Ивица Дукоски е сценарист на стрип-албумите „Црната аурора“ (2018), „Неонски ноќи“ (2018), „Аника и Тигран“ (2020) и „Светите ловци“ (2021), сите со цртеж од Благојевиќ. Дукоски активно се занимава со критика на филм, музика и стрип во повеќе медиуми, а вклучен е и во организацискиот тим на меѓународниот фестивал за стрип Стрип Трип.
Владимир Благојевиќ – Владодлак е дипломиран етнолог и едукатор во Музејот на Македонија. Активен е во областа на илустрацијата и ракотворбите, со бројни самостојни и групни изложби. Покрај соработката со Дукоски, автор е на стрип серијалот „Патот на старите богови“ (2024), а го уредува и списанието „Тешка машинерија“.
Ова е прво издание на „Фликер студио“ во областа на стрипот, а досега ги издале арт-книгите „Мезанин“ на Иван Ивановски и „Flow“ на Александра Ацеска. Вечерашната промоција е можност за директна средба со авторите, разговор за креативниот процес и запознавање со новото поглавје од светот на Лом.





