Треба полека, но сигурно да се спроведе целиот проект кој даде одлични резултати во „Јахја Кемал“. Почнавме во форма на секција, а од лани од 1. до 3 одделение е обврзувачки предмет, а од 4 до 6 – изборен
Од 1 септември учениците од прво и второ одделение ќе можат да го изберат шахот како дополнителна активност на училиште. Ова е новина што јавноста во добар дел ја поздрави како посебно позитивна, со оглед на тоа колку шахот им придобивки за развојот на децата. Еден од наставниците коишто посветено работеше на изготвување на програма за изучување на шахот како изборен предмет е Орце Данчевски, кој своето искуство со работа на ова поле го пренесува од приватното училиште „Јахја Кемал“ од Скопје.
Фиде-тренер од 2018 година, Данчевски почнал да го учи шахот од 4 години, во шаховскиот клуб „Благој Јанков-Мучето“ во Струмица. Пионерски, младински првак, балкански првак на ниво на Југославија, селектор на женската репрезентација во 1998 година. Во 2005 година ја основал шаховската школа „Гамбит“, а од 2011 година заедно со Марјан Митков и Зоран Стојчевски ја формираат и школата „Гамбит Асеко-СЕЕ“.

Вие сте еден од наставниците кои посветено работеа за ова да се создаде програмата. Вие веќе имате искуство како наставник во „Јахја Кемал“, каде шахот се изучува со години. Зошто е важно децата уште од 6 и 7 години да го учат?
– Придобивките се многубројни и долгорочни. Тоа се: зголемена концентрација, учење преку игра, развивање фотографска меморија, логичен начин на размислување, достоинство во победата и поразот да се претвори во лекција, создавање работна навика, социјална, национална, религиозна, класна еднаквост помеѓу сите шахисти, зголемување на IQ. Постојат уште многу други придобивки важни за децата што треба да стекнуваат од најмала возраст.
Дел од јавноста го отвори прашањето дали можеби треба и децата од погорните одделенија да го изучуваат шахот, а има и мислења дека првачињата и вторачињата ќе се преоптоварат и со уште една активност. Што вели искуството за овие прашања?
– Придобивките од изучувањето на шахот досега ги осознаваме од искуството и проектите што се правеа во поразвиените европски и светски држави. Во последните 7 години можам да зборам и од лично искуство со проектот на воведување на шахот во „Јахја Кемал – јуниор“ во Скопје. Верувајте, би можел да зборувам со часови за сите подобрувања што се забележани кај сите деца во училиштето. Но, ќе се задржам на најважното – задоволни родители, позитивни реакции од моите колеги особено од наставниците по математика, зголемен број деца на шаховските натпревари во Македонија. Исполнет и сакан наставник по шах. Среќни деца. Часот по шах стана еден од најомилените часови што сите деца со нетрпение го очекуваат. На крај, имаме и задоволна управа на училиштето.

Сметате ли дека шахот треба да стане задолжителен предмет или макар изборен за учениците од сите одделенија? Какви придобивки тоа ви носи во „Јахја Кемал“?
– Треба пополека, но сигурно да се спроведе целиот проект кој даде одлични резултати во „Јахја Кемал“. Почнавме во форма на секција, дополнителна клупска активност, изборен предмет, а од лани од 1. до 3 одделение е обврзувачки предмет, а од 4 до 6 – изборен. Од оваа година едноставно е предмет кои децата го имаат од 1. до 6. одд. Сето оваа треба пополека но сигурно да се спроведе во сите училишта во Македонија.
Ваши ученици редовно се истакнуваат на државни, но и меѓународни натпреварувања. Имаме ли кадар за поголем развој на овој спорт/игра кај нас?
– Најголем број на прваци во младинските категории на Македонија се токму децата од „Јахја Кемал“. Но мораме да напомнеме дека во училиштето ја стекнуваат основата, а нивото на прваци го изградуваат во шаховските клубови. А токму шаховскиот клуб „Гамбит Асеко-сее“ е стациониран во самото школо, каде талентираните деца од школото после школо се редовни посетители на клубот каде под моето тренерско водство доаѓаат до првите места на шаховиските тирнири, како во Македонија, така и во странство.
Во оваа прилика би ги спомнал Емил Ристески на кого му фали уште една норма и да стане интернационален мајстор со рејтинг (2405). Андреј Велјаноски кој штотуку стана фиде мајстор со 2315 рејтин. Антон Златков околу 2200 рејтинг. Како и повеќекратниот државен првак Андреи Калин. Потоа Либерт Муча, Делфина Огњановска, Инџи Ајрадиноска, Александар Спасов и многу други успешни деца во шахот.
За воведувањето на шахот како изборен предмет имаме направено тим предавачи, искусни шахисти кои треба да ги обучиме одделенските наставници, за што подготвуваме и едукативен и промотивен материјал.
Каде во Европа и пошироко најмногу се става фокус на шахот во образовниот систем?
– Во сите поразвиени земји шахот многу одамна е воведен во образовниот процес. Европската Унија уште од 2011 година донесе декларација за обврзувачко воведување на шахот во која била форма во образовниот процес. Во таа прилика се воведе и кај нас. Во предметот физичко образование со 10 часа и тоа во 6 одделение. За овие 11 години не може да се пофалиме дека имавме некоја придобивка од таа одлука, затоа што беше згрешена возраста за започнување на изучувањето и исто така се покажа и како несоодветен и предметот каде што се воведе.
Да се надеваме дека од септември работите ќе тргнат на подобро.

Како и во многу дисциплини, така и во шахот, кубуриме со бројот на девојчињата што ги изучуваат. Како да ги поттикнеме да се разбијат тие предрасуди? Поточно, како да се стигне полесно до родителите на девојчињата за да се смени оваа ситуација?
– Да, оваа претставува проблем и во светскиот шах. Односот на активни шахисти се движи од 80 проценти кај машките и само 20 проценти кај жените. Причините за тоа водат кон длабока филозофска историска дебата. А како да се отстранат овие парадигми и да се зголемува постојано бројот на девојчиња што ќе играат шах? Најверојатно еден од начините беше и позната серија на „Нетфликс“ „Дамин Гамбит“ која до некаде имаше позитивно влијание и секако, според мене, најважно е родителите да сфатат дека машките и женските деца се еднакви по важност и ако ништо друго, да посветат подеднакво внимание и на двата пола.





