Она што Иван Котев го собрал во еден живот, нам ќе ни требаат уште три да го проучиме

Со научен симпозиум што се одржа викендот во Струмица, беа одбележани два важни јубилеја – 70 години постоење на Институтот за фолклор и 50 години фолклористичка дејност на Иван Котев. Тој е еден од најзначајните собирачи на народното творештво со собрани десетици илјади најразличен фолклорен материјал од струмичко.

Новинарката и писателка Сузана Мицева го нарече Котев – чувар и записничар на народниот бит. Во нејзиниот реферат по повод настанот, таа се осврна на неговите најважни достигнувања и за важноста од тоа што го остави за фолклоритиката во Струмица и во Македонија, воопшто.

– Фолклорот за многумина е дел од минатото, конзервирана историја и на него честопати се гледа со симпатија, а се посветува внимание ретко и по потреба. Заеднички и општ е впечатокот на фолклористите дека државата се’ помалку инвестира во проучувањето на фолклорот. Спротивно на сето ова, еден современ Дон Кихот го има за своја страст, хоби-речиси професија и втор идентитет. Многуликовен е собирачот Иван Котев, слоевит човек кој со сопствениот пример не поучува, ни покажува како изгледаат децении трпеливо тапкање на нерамен и правлив пат. А го чекорел, го набивал тлото од Робово до Старо Коњарево, од Струмица преку Собри до Дојран, од Дабиље преку Босилово до Иловица. Нема село во кое неговата нога не стапнала, во кое не поттикнал човек да пее, да раскажува. Нема таков со кого тој не скршил муабет-два – вели Мицева.

Таа објаснува дека во  една прилика го прашала како ја плете мрежата на информатори, кој е тој таен котелец што го извлекува и му ја прави плетката вешта, посебна. Котев одговорил: „Информаторот мора да почувствува дека е важен. Не дека е до тебе, туку над тебе. Не смееш да му пристапуваш со големина, со надменост или резервиран“.

Сузана Мицева

За тоа како ја чекал песната, приказната, Иван има бројни анегдоти. Како што рибарот е подготвен цел ден и цела ноќ да чека рибата да го фати мамецот, така и тој не еднаш преседел цела ноќ во некое задимено, скушно сопче за да ја слушне ветената приказна, за една песна пиел со домаќините цел ден и на крајот информаторот се опил и песната останала неиспеана, па преспивал во чудни околности во домови на луѓе што првпат ги видел, само за да ја има можноста да ги орасположи, да ги одоброволи да споделат нешто од себе, нешто свое, раскажува Мицева.

Она што Иван Котев го собрал во еден живот, нам ќе ни требаат уште три да го проучиме, продолжува таа.

– Но, дотогаш да му помогнеме да се издаде. Затоа што не му оди лесно печатењето. Со молби, со многу одбиени барања до министерството за култура, со бројни разочарувања. Се чини, слична судбина дели со многу други македонски собирачи. Сето ова може да биде потврда за тешкиот пат на македонските собирачи на народно творештво, но, не смееме ниту да помислиме дека треба да биде правило. Особено затоа што живееме во сопствена, независна земја и не постои никакава пречка да вложуваме во собирањето и истражувањето на материјалната и нематеријална оставнина. Да продреме подлабоко во нашата култура и во нашето минато. Затоа што кога науката нема други докази, за објаснување на многу историски и други факти се служи токму со фолклорот – стои во рефератот на Мицева.

 

Сподели