Со пишувањето за пријателството, загубата, љубовта, но и смртта, придонесов читателот да се потсети на вредностите што нас нè чинат луѓе – вели авторката на „Прирачник за солиден живот“, што ќе биде промовирана денеска во 14 часот на Саемот на книга
Младоста ја прошла во Словенија. Нејзиното растење во Љубљана не било најпријатно, но таа била доволно мудра од својата болка да го извлече најдоброто. Книгата е прогласена за најдобар роман за млади. Работела и како банкарка. Оваа книга е за пријателството, храброста, смртта, разводот на родителите, за непријатноста. Денеска е гостинка на штандот на „Арс Ламина“, каде во 14 часот ќе се сретне о своите читатели, а ќе биде и промовирана нејзината книга „Прирачник за солиден живот“. За нејзината книга во Промо-центарот на Саемот, ќе зборуваат Оливера Ќорвезироска и Бисера Бендевска.

Оливера Зуловиќ
Колку Ви е важно да бидете преведени и Вашите дела да се читаат на друг јазик, како што е македонскиот?
– Мислам дека секој што нешто напишал има посебно чувство кога напишаното му се чита на друг јазик. Сум размислувала дали една книга откако ќе се преведе на друг јазик му припаѓа само на авторот што ја напишал. Зашто преводот значи и тоа дека некој друг се внел себеси во пишувањето. Мене тоа, во случајот на преводот на македонски јазик ми е мило, зашто слушнав многу убави зборови за преведувачката на мојата книга (Бисера Бендевска, н.з).
Верувате ли дека со Вашите книги можете да ги промените нечии ставови, нечии животи?
– Мислам дека секој што пишува, макар наивно се надева дека неговата книга некому ќе му биде омилена книга. И јас сум една од нив. Немав замисла дека пишувајќи книги ќе променам ставови некому, ама имав потреба да пренесам нежност што многу често, особено кога ќе пораснеме, ја забораваме. Мислам дека со пишувањето за пријателството, загубата, љубовта, но и смртта, придонесов читателот да се потсети на вредностите што нас нè чинат луѓе.

Како Вас Ве менува книжевноста? Ја има ли таа моќ?
– Ние во добра мера сме книгите што сме ги прочитале. Читањето ни ги менува хоризонтите, особено кога ќе пораснете во изолирана средина. На пример, некои книги што сме ги читале како деца, имале силно влијание да не се отклониме од патот. Се сеќавам на книгата „Ние децата од Железничката станица ЗОО“ на Кристијане Ф., колку уверливоста на таа книга нè сочувала да одолееме од искушенијата.
Зошто е добро Вашата книга што ја промовирате во Скопје да ја прочита публиката?
– Го немам вистинскиот одговор на ова прашање. Тие што ја прочитале велат дека во некои моменти силно ги насмеала, во некои ги расплакала. Пишував за сериозна тема со детски јазик, пишував за возрасни, но таа го најде патот и кај младата читателска публика. Добро е да се чита мојата, но и која било друга книга. Читањето е, само за себе, секогаш препорака.





