Оливер Мусовиќ: Животот опстанува таму каде што бил избришан

И јас како урбаните рудерални растенија преживувам. И тоа не во меланхолична, туку во буквална смисла. Повеќето уметници што ги знам живеат во постојана несигурност. Системот е таков што бара видливост, а ретко обезбедува услови. Моето присуство, и дома и надвор, е повеќе последица на упорност отколку на стратегија, вели Мусовиќ

Одамна одбив да припаѓам на некоја „сцена“. Не се усогласувам со очекувањата на институциите, ниту со трендовите. Тоа е форма на оптичка политика – на недостапност, на непрепознатливост. Не сакам да бидам транспарентен за да можам да бидам слободен, вели уметникот Оливер Мусовиќ, еден од најистакнатите претставници на својата генерација кој деновиве одбележува 30 години творештво во Музејот на современата уметност во Скопје. „Билни прилагодувања“ е негова трета самостојна изложба во МСУ, а куратор на оваа поставка е Ивана Васева.

Фото: Денис Сарагиновски

Изложбата „Билни прилагодувања“ е Ваше трето самостојно претставување во Музејот на современата уметност во Скопје. Со што се претставувавте пред публиката?

– „Билни прилагодувања“ ги собира сериите што ги развивав во последниве години, започнувајќи во Австрија во 2023, па потоа во Сингапур, надоградени со неколку помали серии од Германија и Франција во 2025. Во нив ги документирам адаптациите на растенијата кон специфични урбани услови – нивните стратегии на преживување и ширење во услови на оскудност, запуштеност, па и активно сузбивање. Ме интересира како животот продолжува таму каде што го сметаме за непожелен или невозможен. За мене изложбата е разговор помеѓу различни географии – континентална Европа и тропскиот појас, но и меѓу различни начини на опстанок. Зад фотографиите стои и еден повик за читање на светот низ отпор, низ издржливост, низ симбиоза. Тоа не е документарен проект, туку еден вид есеј во слики за она што ние, луѓето, обично не сакаме да го видиме. Во суштина, изложбата зборува за видливото и невидливото: за животните форми кои се наоѓаат на рабовите на нашето внимание, но токму таму ја градат својата сила.

Од подготовките / Фото: Оливер Мусовиќ

Со изложбата одбележувате 30 години творештво. Како во неколку реченици би го опишале својот уметнички развој низ овие три децении? Како Вие се доживувате себеси како автор?

– Овие три децении ги гледам како континуитет на истражување на просторот меѓу личното и системското, меѓу јавниот и запоставениот пејзаж. Почнав од секојдневните урбани искуства на посттранзициско општество, потоа го проширив фокусот кон колективни односи и општествена архитектура, а денес сум во екологиите – не затоа што растенијата се тренд, туку затоа што тие го отелотворуваат прашањето на отпор, неусогласеност и преживување.

Јас сум раскажувач кој користи визуелен јазик за да размислува за просторот, општеството и политиката на видливоста. Не сум технички посветен на медиумот – фотографијата ја користам кога ми овозможува најдиректен однос со теренот. Кога не може – тогаш користам други алатки, и со нив постојано се движам меѓу реалноста и фикцијата.

„Обрасанато“ 2023 (детал) / Фото: Оливер Мусовиќ

Авторството за мене не е чин на изразување, туку на сведочење. Одново и одново се прашувам што значи да се гледа, и дали со тоа гледање нешто менуваме. И ако треба да го сумирам мојот развој, тогаш би рекол дека секогаш сум се движел кон сè поголема тишина – од гласна општествена критика кон побавен, поинтимен вид политичност. Таа тишина не е повлекување, туку политички избор: простор каде што нешто може да се види без да се изговори, каде што делувањето се случува преку внимателност.

Пред 30 години почнавте да истражувате и да се изразувате преку фотографија и визуелно раскажување. Како во тоа време нашата средина ги прифаќаше овие (условно) нови форми на уметност кои се вообичаена практика денес?

– Кога почнував, во доцните деведесетти, фотографијата и инсталацијата беа „новиот бран“ на меѓународната сцена. Се зборуваше за смртта на сликарството, за документарноста и за секојдневието како политички простор. Но тука, тој јазик не беше лесно прифатен. Не затоа што медиумот беше непознат, туку затоа што темите беа премногу блиски – транзиција, загуба, ситни секојдневни приказни. Јас работев со комбинација на слики и текстови – анегдоти, приказни од секојдневието, инспириран од авторки како Софи Кал или Трејси Мофат, и тоа многумина го читаа како нешто премногу лично, дури интимистичко, а не како социјален коментар.
Во тоа време интернетот штотуку се појавуваше и започна да ја менува нашата перцепција на сликата. Одеднаш документарното доби нова брзина, а фикцијата – нова тежина. Таа промена ме научи дека фотографијата не е само сведоштво, туку и алатка за создавање алтернативни реалности.

„Билни прилагодувања“ (подготовка) / Фото: Оливер Мусовиќ

Во меѓувреме, визуелното раскажување стана дел од уметничкиот речник. Денес сите се занимаваат со наратив, со архиви, со документарност. Јас пак, се оддалечив – сега сум повеќе во растенијата отколку во луѓето. Но мислам дека суштината е иста: тоа е истото прашање за видливост, за тоа кој има право на простор, било да е човек или растение.
Фотографијата денес е пред нова закана – генеративната вештачка интелигенција повторно го поставува прашањето: што е реалност, а што репрезентација? Јас тука гледам потенцијал, бидејќи кризите на медиумите секогаш создаваат простор за нови начини на гледање.

Социолошкиот општествен контекст, најчесто или секогаш во интеракција со природата и нејзината моќ за регенерација се во фокусот на Вашиот уметнички интерес и израз. Како тргнува идејата за изложбена поставка и по што се водите кога го градите делото?

– Секогаш тргнувам од теренот. Од одење, гледање, забележување. Првата искра обично е некоја мала аномалија – растение што никнало таму каде што не треба, ѕид обраснат со бршлен и мов, некој напуштен ќош што повторно се исполнува со живот. Потоа следи фазата на читање, истражување, разговори со луѓе од други области – екологија, урбанизам, филозофија. И на крај, од сето тоа создаваат слоеви – документарен, поетски, фикционален.
Во случајот на „Билни прилагодувања“, идејата почна во Австрија, во Кремс на Дунав, град со тивка убавина и темно минато – некогашен нацистички центар, денес град со парадоксален културен дистрикт кој го има најголемиот австриски затвор во неговото срце. Гледајќи ги високите ѕидови обраснати со зеленило, ја почувствував иронијата на просторот: животот опстанува таму каде што бил избришан. Таа метафора ме води и денес – растението како отпор, како начин да се остане присутен дури и кога сите те заборавиле.

„Билни прилагодувања“ (отворање) / Фото: Денис Сарагиновски

Во процесот на градење изложба, секогаш размислувам за поставката. Како различните слики се судираат или надополнуваат, како создаваат ритам. Поставката, заедно со кураторката Ивана Васева ја замисливме како пат низ циклусот на животот на растенијата. Почнува со микроклими и рудерални растенија – откривање на ситни гестови на отпор и опстанок. Потоа следува буење на обраснати пејзажи, повторно освоени од природата, за да се достигне врвот со откривање на симбиозата кај тропските епифитни папрати, и на крајот да заврши со смртта и повторното раѓање. Се поигравме и со висината, па така поголемите формати – Микроклими, се поставени на подот, така што посетителот го спушта погледот и се поставува на истата перспектива од која се фотографирани растенијата, создавајќи чувство на непосредност и близина со земјата и со процесите што ги прикажувам, а произлегуваат од земјата. Во исто време, со проекцијата на „Атлас на сингапурските папратВИ“ посетителот го дига погледот, симулирајќи ја перспективата на гледање на епифитните папрати во крошните на дрвата.

Често сте на резиденцијални престои низ светот. Кое искуство (во која земја) извршило најдраматично влијание врз вашата работа и зошто?

– Најдлабоко влијание врз моето размислување имаше престојот во Австрија во 2023 година, каде што првпат наидов на поимите „трет пејзаж“ на Жил Клемен и „рудерални екологии“ (Бетина Штоецер). Тоа беше момент кога почнав да размислувам за растенијата како социјални актери, со сопствена „агенсност“ – моќ за делување, а не само како естетски објекти. Сфатив дека просторот меѓу уреденото и запуштеното е вистински политички простор.

„Рудерален хербариум на Сингапур“ 2024 / Фото: Оливер Мусовиќ

Потоа Сингапур – сосема поинаков контекст, хипер-урбанизиран, каде што се обидуваат да ја зауздаат природата, и таа да постои само како внимателно куриран спектакл. Но таму открив специфични микроклими и рудерални растенија кои пркосат на тој наметнат ред, или тропски епифитни папрати што растат на дрвја долж улиците, цели заедници на растенија во меѓусебна симбиоза. Тогаш почнав да размислувам за тоа што значи солидарност во природата – и како тоа може да се преведе во човечки општествени односи.

Секое патување е и лабораторија за нови идеи. Не се работи само за нов пејзаж, туку за промена на перспективата – како гледаш, како читаш простор, како го разбираш времето. И секогаш, на крај, повторно се враќам на прашањето на опстанок и адаптација.

Како еден самостоен уметник од Македонија успева денес да е толку присутен на меѓународната сцена? Живее или преживува?

– И јас како урбаните рудерални растенија преживувам. И тоа не во меланхолична, туку во буквална смисла. Повеќето уметници што ги знам живеат во постојана несигурност. Системот е таков што бара видливост, а ретко обезбедува услови. Моето присуство, и дома и надвор, е повеќе последица на упорност отколку на стратегија.

Во тој контекст, одамна одбив да припаѓам на некоја „сцена“. Не се усогласувам со очекувањата на институциите, ниту со трендовите. Тоа е форма на оптичка политика – на недостапност, на непрепознатливост. Не сакам да бидам транспарентен за да можам да бидам слободен. Можеби поради тоа често сум перципиран како отсутен, но токму во таа „отсутност“ е моето присуство.

„Атлас на сингапурски папратВИ“ 2025 / Фото: Оливер Мусовиќ

Овој став ми овозможува побавно, поразмислено творење – надвор од диктатот на продукцијата и од очекувањата на пазарот. Се разбира, понекогаш тоа доаѓа со цена. Кога не припаѓаш, ретко си повикан. Но тоа е единствен начин да се избегне инструментализација – да те прифаќаат или да те отфрлат – јас не сакам никому да му ја дадам таа моќ над мене. Јас само продолжувам да работам, независно од тоа дали некој тоа ќе го смета за успех.

Кариерата ја почнавте паралелно со глобализацијата и ширењето на интернетот, денес веќе ја живееме технолошката револуција и развојот на вештачката интелигенција. Што во меѓувреме ù направивме на природата? Визионерски, каде го гледате човекот во природата за 50 години?

– Понекогаш мислам дека не ù направивме на природата ништо што таа не може да преживее, туку ù направивме нешто што ние нема да го преживееме. Природата не е жртва, таа е процес. Ние сме тие што се отсекуваме од тој процес. Ако воопшто имам надеж, таа е во можноста за повторно спојување, за нови форми на коегзистенција – „афирмативни иднини“ кои се карактеризираат со еколошка интеграција, распределена способност за делување (human and non-human agency), регенерација, етичка технологија и естетика на грижа и соживот. Ако Антропоценот е обележан со раздвојување и контрола, овој нов хоризонт го замислува Симбиоценот – епоха каде што човечката активност повторно се става во рамнотежа со природните процеси, повторно поврзување, сродство и заемно процутување.

Оливер Мусовиќ / Фото: Денис Сарагиновски

Но ако сум реалист, тогаш гледам дека системите што ги создадовме се самоуништувачки. Во таа смисла, можеби единствениот можен одговор е да учиме од природата: тие не се борат за надмоќ, туку за рамнотежа. Едни умираат за други да никнат. Во тој циклус има мудрост што ние одамна сме ја заборавиле.

И затоа мојата уметност не е ниту апокалиптична ниту утопистичка – таа е вежба во набљудување. Гледам во растенијата како во огледало: таму се сите наши можности и сите наши грешки. Прашањето е само дали ќе имаме време повторно да научиме да гледаме.

Сподели