Огромен е интересот за изучување на резбарството на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер

На 14 декември ќе биде отворена резбарска изложба што Здружението на копаничари на Македонија ќе ја организира по 69-ти пат. Годинава оваа изложба ќе биде реализирана во соработка со Факултетот за дизајни технологии на мебел, каде што и ќе биде отворена. За традицијата резбарството да се изучува на овој факултет, за интересот за него, но и за копаничарството, воопшто, зборуваме со Никола Михајловски. Тој е копаничар повеќе од три децении. Работи на факултетот од 2011 година, а моментално е асистент на катедрата за Технологија на мебел и финално производство, каде ги привршувам моите докторски студии.

Во тек се подготовките на годишната изложба на Здружението на копаничари на Македонија. Како течат подготовките? За кога е закажана изложбата и дали прв пат ќе биде во просториите на ФДТМЕ?

-Да, во тек се подготовките на 69. изложба на копаници во дрво која претставува една од годишните програмски активности на здружението. Имено, по успешно реализираната 37. Копаничарска колонија која се одржа во септември во манастирот Св. Петар и Павле во село Смилево, изложбата е втора активност предвидена за годинава. Засега подготовките течат во најдобар ред. Изложбата е закажана на 14 декември и за прв пат ќе се одржи во просториите на Факултет за дизајн и технологии на мебел и ентериер.

Здружението на копаничарите на Македонија ја организира оваа вредна изложба повеќе од 30 години. Со какви предизвици се справуваат копаничарите за сепак оваа традиција да се одржи, задржи?

– Здружението е формирано во 1993 година и во овој изминат период успешно реализирало вкупно 68 изложби. Вообичаено се организираат и по неколку изложби во текот на годината, од кои една е главна, најмасовна која најчесто се организира во Скопје. Останатите изложби се организираат во другите градови низ државата и може да се каже дека здружението одржало изложби во скоро сите градови низ државата. Имено, ЗКМАК покрај изложбата организира колонија и издава годишно списание со главна цел за заживување и продолжување на копаничарството во Македонија. Предизвиците со кои се соочуваме се главно финансиски. Организацијата на една изложба вклучува многу трошоци како: закуп на галерија, превоз и патни трошоци за резбите, каталози, плакати и сл. Здружението нема свој константен приход и тешко се справуваме со организирање на активностите. Тоа вклучува и доста волонтерска работа од нас како членови на здружението.

Резбарството е изборен предмет на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер. Каков е интересот за негово изучување?

– Предметот Резбарство има долга традиција на факултетот. За прв пат е воведен во учебната година 2000/2001 во трета година на студирање на насоката Проектирање и технологија на мебел и ентериер како изборен предмет. Од самото воведување на предметот до денес, интересот за негово изучување е огромен. Секоја година предметот го избираат над 90 отсто од запишаните студенти. Фондот на часови е 2+2, односно два часа предавање и два часа вежби. Во текот на семестарот секој студент е задолжен да изработи самостојно своја резба. Факултетот има своја работилница по резбарство која е опремена со неопходен основен и помошен алат. Наставниот процес се изведува теоретски и практично, а по слушаната настава секој студент има доволно знаење за да може самостојно да се занимава со копаничарство.

Како во иднина ќе ја продолжите соработката на Здружението на копаничари на Македонија со Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер? Дали можеби би вклучиле и студенти?

– Здружението и факултетот имаат долгогодишна соработка. Почнувајќи од првиот семинар за Копаничарство организиран од двете институции во 1997 година и кадарот кој здружението го обезбедуваше за практичната настава во факултетот. Оваа година соработката добива повисока форма. Благодарение на деканот на факултетот, проф. д-р. Ѓорги Груевски кој има голема љубов кон копаничарската уметност, факултетот ги нуди своите простории на користење на здружението за реализација на својата годишна изложба. Односно годишната изложба традиционално да се изведува во просториите на факултетот. Покрај тоа факултетот најавува и финансиска помош во организација на наредната колонија за копаничарство. Цел на оваа соработка на здружението и факултетот се продолжување на обуката на заинтересираните студенти за изучување на копаничарството надвор од рамките на наставата преку посетување на колониите и изложбите, односно да привлечеме наши студенти кои понатаму би се занимавале самостојно со копаничарство.

Колку време вие се бавите со резбарство и што најмногу ве привлекува во оваа уметничка форма?

– Со копаничарство се занимавам околу триесет години. Автор сум на повеќе самостојни и групни дела. Резбарството го изучив кај протомајстор Злате Крстевски од Битола каде со неговиот син Јане и други членови од битолската тајфа на резбари изработувавме црковен мебел и ентериер. Член сум на ЗКМАК од 1996 година. Околу пет години бев секретар на здружението, а годинава ја имав честа членството да ме избере за претседател.

Сподели