„Одлука за заминување“, „Тори и Локита“, „Крпеница“…вечерва на „Синедејс“

Филмот „Одлука за заминување“ во режија на Парк Чан Вок, од гала програмата на „Синедејс“, ќе биде прикажан вечерва во 20.30 часот на ГТЦ кров. Филмот ја имаше својата премиера во Кан годинава.  Кога маж загинува на планина, случајот го добива детекти-вот Хе-Чон. Тој ја испитува Со-Ре, сопругата на починатиот, која е рамнодушна на смртта на сопругот, што ја прави со- вршениот виновник. Но чувствата што му се раѓаат за неа, го исфрлаат од колосек…

Во истиот термин во киното „Милениум“ ќе биде прикажан белгискиот „Тори и Локита“ на браќата Жан-Пјер и Лук Дарден. Во Белгија денес, мало момче и девојка адолесцент, кои допатувале сами од Африка, ги здружуваат силите во непобедливо пријателство против суровите услови на нивниот егзил.

Од 20.30 часот и во Кинотеката е закажана проекција на филм од официјалната селекција – „Крпеница“ во режија на Петрос Чараламбоус. Хара си го сака семејство, но сеедно, понекогаш размислува каков би бил животот без нив. Колебливото пријателство со една сра-межлива и пркосна девојка неумоливо ја принудува да се соочи со својот егзистенцијален гнев и болното минато што се обидува да го заборави.

Сцена од кипарскиот „Крпеница“

Од ретроспективата на Фатих Акин, во 22.30 часот ќе следува филмот „Рез“. Мардин, 1915 година: една ноќ, турската полиција ги собира сите ермен- ски мажи во градот, меѓу кои и младиот ковач, Назарет Манугјан, кого го разделуваат од семејството. Неколку години подоцна, откако ќе успее да ги преживее ужасите на геноцидот, ќе дознае дека неговите две ќерки се исто така живи. Ќе се опседне со идејата да ги пронајде и тргнува да ги бара. Потрагата го носи преку месопотамските пустини и Хавана до соголените и пусти прерии во Северна Дакота. За време на оваа одисеја, тој среќава многу различни луѓе: добродушни луѓе со ангелско срце, но и луѓе што се вистинско олицетворение на ѓаволот.

Во МКЦ парк од 21 часот на програмата е краткиот „Перики“ на Ангела Димеска. Адам е срамежлив тинејџер, кој сѐ уште ја истражува својата сексуалност. Овој негов внатрешен конфликт доаѓа до израз кога оди кај својата девојка Лена и прави сѐ што е во негова моќ за да избегне сексуален однос.

Следува „Како го дозволивте ова?“ во режија на Јаир Ашер и Атамир Лапид, од официјалната селекција на фестивалот. Јишај оди во посета кај семејство во Израел, во надеж дека ќе открие што со иднината. Се зближува со помладиот брат Омер, слободоумник по природа. Јишај наоѓа утеха во откачените и изненадувачки средби од минатото, но мора да ја земе предвид и својата иднина, како и климавиот однос со Омер.

Во Поп ам киното на Средно Водно, во 21 часот на програмата е „Злосторство на иднината“ во режија на Дејвид Кроненберг. Како што луѓето се приспособуваат на синтетичка средина, телото претрпува промени и мутации. Заедно со својата партнерка Каприс, познатиот уметник Саул Тенсер јавно ја прикажува метаморфозата на неговите органи преку авангардни перформанси. Тимлин, иследничка од Националниот регистар за органи, опсесивно ги следи нивните движења. Токму тогаш се открива мистериозна група… Нивната мисија е да ја искористат славата на Саул за да ја разоткријат следната фаза на еволуцијата на човекот.

Сподели