Одбележување на 80 години од македонскиот правопис во Гевгелија

Библиотеката „Гоце Делчев“ – Гевгелија ќе одбележи 80 години од официјализирањето на македонскиот правопис со настан вечерва во 19 часот во хотелот „Аполонија“. Ќе се обратат проф. д-р Димитар Пандев и Мишо Китаноски.

Комисијата за азбука и правопис во дефинитивна форма ги формулира своите ставови во Резолуција, донесена на 3 мај 1945 година, а усвоена на 5 мај 1945 година од Народната влада на федерална Македонија. По ова, Правописот на македонскиот јазик е донесен на 7 јуни 1945 година со решение на Министерството за народна просвета потпишано од тогашниот министер Никола Минчев.

Со решението, овој правопис бил прифатен како официјален правопис во Народна Република Македонија, по што бил отпечатен во Скопје во 1945 година како засебна книшка од 20 страни.

Ова е третиот и завршен настан поврзан со кодификацијата на македонскиот јазик, по Решението на Првото заседание на АСНОМ (2 август 1944) за воведување на македонскиот како службен јазик во македонската држава, а потоа и Решението на Президиумот на АСНОМ од мај 5 мај 1945 година за македонската азбука.
Донесувањето на азбуката и правописот претставува значаен придонес во чинот на кодификацијата на македонскиот литературен јазик, со кој е стандардизирана јазичната норма во јазичната практика.

Сподели