Славниот италијански автор Паоло Сорентино е годинашен добитник на признанието „Почесно Срце на Сараево“ и во рамките на програмата „Посветено на“ (Tribute to) ќе биде прикажана ретроспектива на неговите филмови. Фестивалот ќе му оддаде почит за неговиот извонреден придонес кон филмската уметност. Сорентино, исто така, ќе одржи и мастер клас, каде што ќе ги сподели своите размислувања за уметноста денес во разговор со публиката.
„Длабоко сум почестен што го примам ова престижно признание и сум благодарен за вниманието посветено на мојата филмографија. Се радувам што ќе бидам со вас во Сараево. Ви благодарам од срце“, изјави Сорентино.
Паоло Сорентино успеа да го постигне она за што сонува секој филмски автор – со локални, лични приказни остави светска трага. Со визуелно раскошен, емотивно исполнет и интелектуално продорен стил, ги освои срцата на публиката ширум светот, кои во неговите ликови, без разлика колку да се ексцентрични или повлечени, препознаа огледало на нашиот свет – често апсурден, понекогаш суров, но секогаш длабоко човечки. „Почесното срце на Сараево е признание за големата убавина што ни ја подари преку своите филмови“, изјави Јован Марјановиќ, директор на Сараевскиот филмски фестивал.
Филмскиот режисер и сценарист Паоло Сорентино е роден во Неапол во 1970 година. Неговиот прв долгометражен филм, „Вишок човек“, беше вклучен во програмата на Меѓународниот филмски фестивал во Венеција во 2001 година. Неговите следни два филма, „Последиците на љубовта“ (2004) и „Семеен пријател“ (2006), беа во конкуренција за Златната палма во Кан, исто како и филмот „Боженствен“ од 2008 година, кој ја освои Наградата на жирито. Во официјалната конкуренција на фестивалот во Кан се врати во 2011 година со филмот „Ова мора да биде вистинското место“, а две години подоцна со „Големата убавина“, кој го освои Оскарот®, Златниот глобус и наградата БАФТА за најдобар странски филм, како и три награди од Европската филмска академија.
Во 2016 година со филмот „Младост“ повторно беше во конкуренција на фестивалот во Кан. Филмот освои три награди од Европската филмска академија, номинација за „Оскар“ и две номинации за „Златен глобус“.
Во 2016 година ја создаде и режираше ТВ-серијата „Младиот папа“, која беше номинирана за Златен глобус за најдобар актер, како и за наградите Еми во категориите за најдобра сценографија и најдобра камера. Во 2018 година го режира филмот „Силвио“ со Тони Сервило, а во 2019 година ја режира втората серија сместена во светот на современото папство – „Новиот папа“, со Џуд Лоу и Џон Малкович во главните улоги.
Во 2021 година го режира филмот „Божјата рака“, номиниран за „Оскар“ во 2022 година за најдобар странски филм, со кој освои Сребрен лав – големата награда на жирито и наградата „Марчело Мастројани“ на 78. Меѓународен филмски фестивал во Венеција, пет награди „Давид ди Донатело“, вклучувајќи ги оние за најдобар филм и најдобар режисер, како и четири награди „Настри д’Арџенто“, вклучувајќи ја онаа за најдобар филм.
Во 2024 година го напиша сценариото и го режираше филмот „Партенопе“, прикажан во конкуренција на Меѓународниот филмски фестивал во Кан, кој ја освои наградата Biglietto D’oro како еден од најгледаните филмови на годината.
„Почесното Срце на Сараево“ е востановено во 2005 година со цел да се оддаде признание на поединци за извонреден придонес во афирмацијата и развојот на филмската индустрија, како и за поддршката и развојот на Сараевскиот филмски фестивал.
Фото: Јутјуб-скриншот





