Во Лешочкиот манастир, Тетовско, деновиве беа одбележани 250 години од раѓањето на просветителот, народен учител и игумен на манастирот Кирил Пејчиновиќ Тетоец, еден од најзначајните фигури на македонската книжевна, црковна и културна средина од 18 и почетокот на 19 век. Кирил Пејчиновиќ-Тетоец (1771 – 1845) е македонски просветителски автор кој сите свои дела ги напишал на народен јазик (тетовски говор) и заедно со Јоаким Крчовски ја претставуваат првата генерација писатели на современата македонска книжевност.

Пејчиновиќ е роден во тетовското село Теарце во 1771 година. Првите почетоци од неговото образование биле во селото Лешок, а потоа продолжил во манастирот „Свети Јован Бигорски“. Меѓутоа, потоа татко му решава да го продаде имотот во Теарце и со него и со неговиот чичко одат во Света Гора каде се замонашуваат. По извесно време Кирил се вратил во Тетово, а оттаму заминува во Кичевскиот манастир „Света Богородица Пречиста“. Во 1801 година Пејчиновиќ станал игумен на Марковиот манастир, кој решил да го обнови. Манастирот бил речиси уништен, но со помош од верниците тој ги обновил конаците и манастирот.
– До 1818 година тој се занимавал со обновувањето и истовремено оформил манастирска библиотека од собраните ракописи од претходниот век. Додека престојувал во Марковиот манастир ја напишал неговата прва книга „Книга сија глаголемаја Огледало“, која била отпечатена во 1816 година во Будим. Неговата втора книга е „Утешение грешним“ (1840 Солун) – пишува на „Википедија“
По дваесет години минати во манастирот, под притисок на грчкиот владика од Скопје, го напуштил Марков манастир и се вратил во родното Теарце. Го обновил Лешочкиот манастир со помош на богатите верници и отворил училиште во кое ги подучувал младите и старите. Патувал и како проповедник собирајќи книги и пишувајќи сопствени текстови. Кирил Пејчиновиќ умрел на 12 март 1845 година во Лешочкиот манастир и е погребан во црковниот двор. Во 1835, Пејчиновиќ за себе составил надгробен натпис (епитаф) во облик на стихотворба. Ова е најраниот познат авторски пример на пишување стихови на народен говор во развитокот на македонскиот јазик.





