Уметницата Искра Димитрова ја дизајнира книгата на деда си Ѓорѓи Абаџиев

Уметницата Искра Димитрова ја изработи корицата на реобјавениот роман „Пустина“ од нејзиниот дедо, Ѓорѓи Абаџиев чие реиздание ќе биде промовирано онлајн вечерва, во 19 часот на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“. За делото на Абаџиев ќе зборува Злата Порчиќ, професорка по компаративна книжевност и македонски јазик во средното училиште „Ѓорѓи Димитров“, а онлајн-разговорот ќе го води Ведран Диздаревиќ, уредник во „Арс Ламина“.

„Пустина“ е објавен во 1961 година, а неодамна беше реобјавен во издание на „Арс Либрис“ (дел од „Арс Ламина – публикации“), во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“, чија цел е реобјавување на класичните дела на македонската книжевност.

„Пустина“ е историско-психолошки роман. Дејството се случува за време на историската 1903 година, раскажано преку заробеништвото на двајцата солунски атентатори Арсо и Глигор, веднаш по еден од нивните страшни бомбашки напади. Движејќи се напред-назад низ времето и мислите на карактерите (главно на Арсо), Абаџиев ни го прикажува внатрешниот живот на двајца исклучителни индивидуалци, загубени во коридорите на историјата, должноста и љубовта.

Ѓорѓи Абаџиев (07.10.1910, Дојран – 02.08.1963, Скопје) е еден од првите македонски раскажувачи и романсиери, особено истакнат по своите романи и раскази втемелени врз македонската историја. Од најмала возраст живеел како емигрант во Грција и во Бугарија. Во 1948 година се вратил во Македонија и во Скопје бил еден од основачите и најактивните соработници на Институтот за национална историја. Од 1949 година е член на Друштвото на писателите на Македонија.

Неговото творештво главно е содржано од раскази и романи со историска предлошка. Ги објавил: „Труд и луѓе“ (уметнички репортажи и раскази, коавторство, 1936), „Изгрев“ (раскази, 1950), „Епопејата на Ножот“ (раскази, 1951), „Последна средба“ (раскази, 1953), „Арамиско гнездо“ (роман, 1954), „Пустина“ (роман, 1961), „Балканските војни и Македонија“ (монографија, 1972). Исто така, тој е еден од сценаристите на филмот „Мис Стон“ (1958). Во 1972 година е објавен избор од неговото творештво во четири тома.

Во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“ реиздаден е и романот „Арамиско гнездо“, чија онлајн-промоција е закажана на 13 јули.

 

Сподели