Одбележани 20 години од смртта на Анте Поповски

Во емотивна и свечена атмосфера, пред многубројна публика во Културно-информативниот центар во Скопје се одржа омаж по повод 20-годишнината од упокојувањето на современиот македонски поет, академик Анте Поповски. Присутните се потсетија уште еднаш на ликот и делото на книжевниот великан. Настанот го водеше м-р Митра Блажевска, а за делото и творештвото на Поповски инспиративно зборуваше проф. д-р Венко Андоновски, дописен член на МАНУ.

Во изведба на артистката Софија Гогова-Врчаковска присутните имаа можност да слушнат дел од првото пеење „Каин и Авел“ од грандиозното дело на Поповски „Света песна“, а потоа од страна на Александар Поповски ù беше врачено признанието познато како „Антева златна книга“. Наградата се состои од фототипно издание на збирката „Две тишини“ позната и како „Париска тетратка“ од Анте Поповски.

Почесното признание, кое Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски – „Антево перо“ го доделува на истакнати личности, на Врчаковска ù припадна за нејзината повеќедецениска континуирана афирмација на творештвото на Анте Поповски, пред сè, на програмите на Македонската радио и телевизија, но и на повеќе настани организирани во негова чест по разни поводи. Освен Врчаковска, која заблагодарувајќи се на наградата со силна возбуда потсети на одделни епизоди од соработката со Анте Поповски, за своите релации со бележитиот претставник на македонската модерна книжевност, но и лекар по професија Анте Поповски, кусо обраќање имаше и проф. д-р Миодраг Врчаковски.

Д-р Атина Цветаноска ја промовираше комбинираната веб-страница, која е дел од првата фаза на дигитализацијата на целокупната оставнина на овој наш истакнат поет. Страницата содржи бројни значајни податоци за творештвото на Анте Поповски, за Здружението, кое се грижи за чување и афирмација на неговото дело, како и за реализацијата на шесте досегашни изданија на Меѓународната манифестација „Анте Поповски – Антево перо“. На крајот од вечерта ликовниот уметник, хуманист и миротворец, Живко Поповски Цветин, потсетувајќи ги присутните на плодната соработка со македонскиот книжевен великан, на неговиот син Жорж Поповски му врачи „Цветинова награда за мир“. Настанот го органираше Здружението „Антево перо“.

Сподели