Од излечен фемур до 21 век: Какви вредости ќе оставиме зад себе?

Ова се дел од прашањата за кои се дебатираше на панелот „Мерливоста на вредностите: Интеракции“ што се одржа минатата недела во Музејот на Народната банка

Кога човекот станал свесен за културата, како почнал да ги вага нејзините вредности? Дали бил свесен што создава додека ги цртал пештерските слики во Алтамира и Ласко, дали денес сме свесни што создаваме како вредност? Способно ли е човештвото да одговори на овие прашања или одговорите ќе ги имаат нашите потомци кои по многу векови и милениуми ќе ги анализираат нашите постапки? Ова се дел од прашањата за кои се дебатираше на панелот „Мерливоста на вредностите: интеракции“ што се одржа минатата недела во Музејот на Народната банка. Дискусијата беше една од трите панели во рамките на јавната дебата „В/редности и вредности“, како придружен дел на истоимената изложба со која одбележуваат 30 години монетарна самостојност на Македонија. Помеѓу оригиналните артефакти со кои се илустрирани македонските пари, во дебатата учествуваа Дита Старова-Ќерими, директорката на Националната галерија, Пеце Талески, продуцент од „ОХО продукција“, актерката Драгана Костадиновска од Македонскиот народен театар, археологот Гоце Наумов од Археолошкиот музеј и Илина Јакимовска, професорка на Институтот за етнологија и антропологија. Низ дискусијата ги водеше новинарката Ана Зафирова.

Воведно обраќање во дискусијата имаше Катерина Христовска, нумизматичар, раководителка на Музејот на НБРМ и авторка на изложбата „В/редности и вредности“. Таа појасни дека изложбата, покрај другото, се обидува симболично да ја истакне и потребата за искусување културни вредности во нивната изворна, реална пројавност.

– Изложбата го претставува и го опишува македонското културно наследство како предлошка за дизајнирањето на предните и на задните страни на тековното издание банкноти. Но таа, исто така, го контекстуализира тоа наследство како споделена и немерлива вредност, како еден одважен коментар позициониран точно наспроти нумеричката и номинална вредност на парите – посочи Христовска.

Почетната точка на цивилизираноста

Според неа, чувањето и перпетуирање наследени вредности како наша, современа, еманиципирана идеја за нив е важен чин на манифестирање аспект на еден неромантизиран културен идентитет кој ја има своја просторна и временска генеричка патека.
– Културата, уметноста и традицијата се базичен елемент на нашето заедникување, тие се структурна поддршка за нашето заедничко и цивилизирано функционално движење во сегашно време – рече Христовска.

Катерина Христовска

Таа ја цитираше Маргарет Мид, познат американски антрополог. Запрашана за тоа кој е најраниот знак за цивилизираност на една античка култура, таа одговрила: „Излечен фемур“.
– Во остатокот од царството на животните, никој не би преживеал со скршена бутна коска. Скршен фемур кој заздравел е доказ дека некој друг одделил од своето време за да остане со повредениот, да му обезбеди заштита, да се грижи за него додека скршеницата не срасне. Сочуствувањето и помагањето е почетната точка на цивилизираноста – рече Христовска.

Старова-Ќерими се осврна на значењето на културното наследство на нашата земја како надоврзување на изложбата.
– Имајќи предвид дека секој сегмент од културното наследство од сите периоди на историјата е вредност само по себе, тоа е само дел од мозаикот наречен светско културно наследство, со што вредноста може да се изрази со поимот немерливост. Мојата стручност се однесува на поширока смисла на темата вредност. Односно е пример на создавање на вредности во смисла на културна интерграција на различни религии, култури и уметност на еден простор, а нашата обврска е да ги сочуваме и во различни форми да им ги пренесеме на следните генерации – рече Старова-Ќерими.

Потесна специјалност на нејзините истражувања се вредностите на сликарството на минатото во исламските градби во нашата земја, особено на оние од религиозен карактер. Старова-Ќерими направи и една хронолошка прошетка низ културното наследство од сите периоди и посочи како со мешањето на различните етникуми се создала култура специфична за ова подрачје која е неодвоив дел од секојденевието и денес.

Дита Старова-Ќерими

– Културата е во суштината на постоењето на цивилизациите и ги изразува нејзините битни идеи на градбите на уметничките дела. Во однос на белезите на византиско-христијанско-православната и на исламската цивилизација, големите култури и заеднички цивилизациски вредности, тие го определуваат доминантниот сакрален код на уметничките дела. Двете доминантни цивилизации влијаеле една врз друга и не оставиле никого рамнодушен – рече таа.

Образовната моќ на културата

Талески рече дека не се чувствува многу пријатно да зборува за сегашноста опкружен со векови, милениуми традиција која „ти кажува дека си прилично минлив“. Затоа, своето излагање го дефинираше повеќе како исповед на тоа што го работи во моментот, отколку обид да направи паралела дали создава нешто што може да се мери со вредноста на изложените артефакти. Тој посочи дека тоа што го работи со своите соработници повеќе се однесува на популарна култура. Сепак, во позадината на нивната дејност тој гледа образование и еманципација. Не сакаат на публиката да ѝ понудат тоа што таа го сака, туку тоа што би требало да го сака.

Пеце Талески

– Нам лесно ни е да го дефинираме и уочиме идентитетот на публиката кој е личен и субјективен. Но, диспозитивот ни е ужасно тежок, не можеме да се дефинираме како општество. Имаме проблем со сопствената рефлексија. Кои сме ние? Не комуницираме со реалноста и со сегашноста околу нас. Зошто една култура на која припаѓаме пред 2-3 милениуми создавала вакви фантастични вредности, а денес на толку рудиментирано ниво продуцираме култура. Оваа изложба ми отвори многу интересни перспективи – рече Талески.

Костадиновска се осврна на бразилскиот режисер и теоретичар на театарот, политички активист и педагог, Аугусто Боал, која сметал дека театарот никогаш не може да биде одделен од општествениот контекст – целиот театар е политички. Таа ја раскажа приказната за почетоците на театарот во Античка Грција, за Теспис, првиот актер, кој бил многу талентиран и дел од хорот кој ги исполнувал химните во чест на богот Дионис кои се одржувале на отворено. На еден од овие настапи на кои присуствувал и државникот Солон, Теспис не успеал да се воздржи, се одвоил од хорот и на песната од хорот почнал со проза да одговара на секој збор и да искажува свои мислења и ставови.

Драгана Костадиновска

– Насакајќи, Теспис го создал протагонистот. Тоа што дотогаш биле актерот и карактерот, еден човек, сега биле разделени и Теспис можел да продолжи да си ја кажува својата вистина. Тоа е една вредност, функција на театарот која не може да не произлезе од неговата суштина. Покрај образовната моќ на културата, нејзината суштина е да ги комуницира, коментира општествените феномени и појави и да биде огледало на општеството – рече Костадиновска.

За цената и вредноста

Преку антропоморфниот модел на куќа (Големата Мајка), еден од изложените експонати, Наумов нè пренесе пред 8.000 години, во неолитот, кога настанала револуција во човековата цивилизација – домувањето.

– Човекот за првпат почувствувал порив да изгради куќа за да живее во неа. Претходно живеел како номад, постојано се селел, ги следел животните за да може да се прехрани, да преживее. Но, научил сам да произведува храна, да ги припитомува животните. Тоа повлекува нешто ново што се случило на стопанско ниво – за првпат почнал да создава ресурси. Овој начин на живот до денес не е променет – објасни Наумов.

Гоце Наумов

За него овој цивилизациски момент најдобро се гледа преку градењето на првите неолитски куќи, кога човекот за првпат се поистоветил со домот. На прашањето дали по 8 милениуми создаваме нови редности тој рече:
– Во секој случај сме на прагот на нова револуција – дигиталната која дефинитивно ќе го однесе човекот на друго ниво. Но дали ние ќе создадаеме вредности како луѓето во неолитот, тоа ќе треба да го анализираат тие после нас – рече Наумов.

Јакимовска зборуваше за добрата во нивната мерлива, економска и материјална вредност, но и во нивната духовна и социјална димензија. Тоа го стори преку книгата „Аргонаутите на Западниот Пацифик“ која во 1922 година ја објавил полскиот антрополог Бронислав Малиновски. Во неа тој опишува нешто што се вика „кула“ – тип на церемонијална размена на предмети, на ѓердани од црвени школки и белегзии од бели школки. Размената се одвивала на архипелаг од 18 острови со илјадници жители во Папуа Нова Гвинеја. Црвените ѓердани патувале во правец на сказалките на часовникот, а белегзиите во обратен правец. Значи секоја размена што почнува со црвен ѓердан треба да заврши со бела белегзија.

Илина Јакимовска

– Овие предмети во економска смисла немале речиси никаква вредност. Поентата е во учеството во самата размена која ја формира социјалната кохезија и овозможува место во таа социјална хиерархија. Притоа, еден поглавица може да има повеќе од сто партнери за размена и користи т.н. курири кои ја вршат размената на него, наспроти поединецот кој има неколку партнери за размена и мора самиот да патува. Се разбира дека првиот ќе има и поголем социјален статус. Местото во овој кула-прстен (круг) не се стекнува автоматски, туку се „купува“ со учество во пониска форма на трговија и размена. Така доаѓаме до прашањето за бинарната опозиција помеѓу worth и value (цена и вредност), а конкретниот пример сигурно би нашол аналогии и денес во современиот живот. Симболичката моќ на тој поглавица станува реална, а истовременио и материјалното богатство му обезбедува и поголема симболичка моќ – рече Јакимовска.

Во однос на прашањето какви вредности ќе има човекот во иднина, Јакимовска смета дека од сиот шум од содржини, гласови, слики, зборови, звуци, отпад, вишок, нешто ќе се исфилтрира и ќе остане.
– Ако не на глобално, на микрониво верувам ќе се почитуваат некакви вредности. Веројатно на ниво на култови што биле во минатото и тие ќе овозможат зачувување на она што е немерливо – заврши Јакимовска.

Фото: НБРМ

Сподели