Очилата, часовникот, машината за пишување на Анте Поповски донирани во Музејот на Македонската борба

Со семејството Поповски започнува една значајна фаза во дополнувањето на музејскиот фундус, важен за идентитетот и мемориите преку кој во континуитет го презентираме македонскиот јазик, вели Даниела Николва, директорка на Музејот

Очилата, часовникот, мастилното пенкало, машината за пишување, диктафонот на познатиот македонски книжевник, поет, есеист и публицист Анте Поповски се дел од колекцијата од 45 предмети што семејството ја донираше на Музејот на македонската борба. Фотографии кои одбележуваат едно време во кое живеел и творел со познатите Блаже Конески, Ацо Шопов, Петар Хаџи Бошков, Димитар Кондовски, Ванчо Чавдарски, Мери Бошкова, фотографијата со папата во 1970 гoдина, со Јосип Броз Тито, портрет – масло на платно од академскиот сликар Коле Манев, лични белешки, ракописи, признанија, ордени и други документи ќе бидат соодветно зачувани и промовирани. Годинава се одбележуваа 90 години од раѓањето на Анте Поповски (1931-2003).

Даниела Николова, директорка на Музејот на македонската борба вели дека семејството на Поповски со задоволство ја прифатило нивната иницијатива да донира дел од обемниот личен фонд на еден од најголемите македонски поети.
– Со семејството Поповски започнува значајна фаза во дополнувањето на музејскиот фундус, важен за идентитетот и мемориите преку кој во континуитет го презентираме македонскиот јазик, почнувајќи од Ѓоргија Пулески, преку Крсте Петков Мисирков, Блаже Конески за да продолжиме со современите македонски литерати, поети, есеисти. Музејот на македонската борба е специјализиран историски музеј и има потреба од дополнување, збогатување на музејските збирки со предмети поврзани со некој историски настан или личност од македонската историјата во 19 и 20 век. Неодамна неколку познати семејства донираа и придонесоа музејот да се збогати со лични предмети од нивните семејства. На тој начин и ние како музеј ќе имаме можност да осветлиме и претставиме лични колекции на историски личности кои се значајни и драгоцени за нашата историја. Ова е само почеток на донации од семејства кои ќе придонесат да се збогати музејскиот фонд, а за нас има особено значење како еден од приоритетите на музејот – вели Николова.

Од музеолошки аспект, личниот фонд во форма на материјално сведоштво има моќ самостојно да раскаже повеќе или помалку познати факти за животниот пат на големиот современик. На патот кон трансформација на предметите во музејски фонд, материјалот прелиминарно е класифициран во неколку категории:
– лични документи и предмети: дипломи, награди, признанија, ордени, други документи за идентификација;
– документи за професионалната дејност: лични ракописи, кореспонденција, реферати, нацрти, концепти;
– фотографски материјал;
– уметничкo делo.

Следува идентификација, анализа, синтеза, интервју, контекстуализација, изработка на музејска документација, фотографија, снимање и видеоматеријал на музејскиот фонд, инвентаризирање и презентација на музејски фонд. Според Николова, автентичното и документирано афирмирање на книжевното културно наследство на Анте Поповски ја портретира богатата историја, традиција, култура на македонскиот народ и јазик кои ќе останат за идните генерации.
– Секој предмет, фотографија од колекцијата на Анте Поповски е значаен, интересен и врзан со многу емоции од настани или сеќавања на големиот поет – вели таа.

Портрет на Анте Поповски од Коле Манев

Николова додава дека семејствата на истакнатите личности сè повеќе се соочуваат со тешкотиите во одржувањето на предметите од приватните и лични колекции. Затоа многу од нив ги подаруваат предметите во музеите.
– Кустосите, пак, се ангажираат за да се збогати музејскиот фонд, особено со посовремени збирки, свесни дека современото време набрзина не „гази“ и предмети кои го стекнуваат значењето – експонати од вредност, можеме набрзина и да ги изгубиме. Затоа, за нас како музејски работници останува малку време да ги препознаеме, селектираме, документираме и презентираме во нашите поставки. Така во иднина тие ќе можат непречејно да влегуваат во филтерот – културно добро и да станат сведоци на едно наше минато – вели Николова.

 

Сподели