Книгоиздателството „Макавеј“ од Скопје ја објави новата поетска книга на Христо Петрески – „Човек, врата“. Книгата е сочинета од околу 70 песни, настанати во последните две-три години, а поделени во циклусите „Портиче“, „Будеж“ и „Легло“. Поетот и литературен критичар Бранко Цветкоски, вели:
– Во лириката од книгата „Човек, врата“ доминира упатеноста и одмереноста во откривањето на медитативните и евокативните пластови на песната. Петрески лирски резонира и со нијансите на јазикот на секојдневието, но и со магичниот, гномски, високометафоричен, певлив и беседовен темел на народната мудрост и на сензибилитетот на нашиот современ човек. Со таа потфатена златна жичка на хармонизирање на богатиот јазичен медиум и личниот животен опит Петрески, чинам дека со оваа книга ја добива својата највисока, односно најзрела фаза во сопствениот поетски и книжевен развој. Истовремено, појавата на оваа книга претставува причина, естетска провокација и обмислено пласиран поетски влог во тековите на современата македонска литература – вели тој.
Христо Петрески, поет, прозаист, автор на литература за деца е актуелен претседател на Друштвото на писателите на Македонија.





