„Вселена. Човек. Интелигенција.“ – изложба што ќе им ја приближи германската наука на младите кај нас

„Вселена. Човек. Интелигенција.“ е интерактивна изложба за млади, која „Гете-институт“ во соработка со друштвото „Макс Планк“ ја прикажува ширум светот, а во Културно-информативниот центар во Скопје ќе биде отворена на 3 април.

Изложбата обработува пет големи тематски области: Вселена, Историја на човештвото, Мозок, Антропоцен и Вештачка интелигенција. За секоја од наведените теми постои соодветна станица, на која посетителите на забавен начин и со интерактивни елементи може да дознаат повеќе за темите, како што се на пр. компјутерско преобразување (морфинг) на лице, прикажувања на растојанија во вселената со помош на атмосферска обвивка, инсталации, со коишто може да се доживеат различни емоции преку влијанието на музиката или интеракцијата на роботите и сл.

Целта на изложбата е на сите заинтересирани за Германија и германскиот јазик да им се покаже дека истражувањето во Германија ужива висок статус и е важен дел од германската култура. Изложбата поттикнува љубопитност за истражување на различни полиња и стимулира размислување за научни и општествени теми.

– Со изложбата сакаме да ја доближеме науката до младите, а посебно да ги привлечеме и девојките во техничките науки. Науката може да биде апстрактна, но на ваков начин можеме да ја доближиме до младите. Изложбата е отворена за возраст од 13 години нагоре – велат организаторите.

Изложбата ќе биде свечено отворена до 28 април, а влезот е бесплетен. Повеќе информации ќе најдете на страната на Гете-институт Скопје.

Гете-институт е културна институција на Сојузна Република Германија која својата дејност ја извршува низ целиот свет. Го афирмира учењето на германскиот јазик во странство и негува меѓународна културна соработка.

Сподели