Обидот на жените да звучиме или свириме како мажи го одвлекува вниманието од нашите уникатни гласови

Пишува: Марина Туфекчиевска

Тајната за одличен концерт со оркестар е да имаш одличен диригент, а Владимир Николов е одличен музичар, композитор и прекрасен колега за споделување на сцената. Сигурнa сум дека овој концерт ќе биде незаборавен за сите што ќе присуствуваат, а музиката е навистина дар, дава раскош и страст во звукот и раскажувањето приказни – вели португалската фадо џез пејачка Марија Мендеш, која утревечер ќе настапи со Националниот џез оркестар.

Марија Мендеш е португалска пејачка и композиторка која живее во Холандија. Позната по нејзиниот уникатен спој на џез и португалско фадо, таа е високо ценета во светот на џез музиката, а џез легендите како Квинси Џонс, Вејн Шортер и Херме Пашкоал, ја опишуваат како „џез пејачка од највисок ранг“. Настапувала на престижни настани и фестивали ширум светот, како што се Concertgebouw во Амстердам, North Sea Jazz Festival и Montreux Jazz Festival.

Таа е првиот португалски уметник кој настапува во легендарниот џез клуб Blue Note во Њујорк, како и првата пејачка-композиторка која има настапувано во живо и има два албума со добитникот на Греми награда – Метропол оркестар (оркестарот кој постои повеќе од 75 години и има соработувано со Квинси Џонс, Ела Фицџералд, Шарки Папи, Џејкоб Колиер, Грегори Портер). Оваа соработка го вклучува и добитникот на Греми, Џон Бисли како продуцент и коаранжер и резултира со два високо оценети албуми’Saudade, Colour of Love’ (2022) и ‘Close To Me’ (2019). Овие два албуми и носат на Мендеш вкупно 4 Латин Греми и Греми номинации во категориите за најдобар аранжман, како и освојување на холандската музичка награда, EDISON Jazz, за најдобар џез вокален албум на годината. Албумот ‘Saudade, Color of Love’ беше прогласен за најдобар џез-албум за 2022 година од 5-те врвни џез-магазини – Downbeat, Jazziz, Jazzwise, Jazzthing, и Jazzism. Има издадено и два соло албуми: Along the Road (2012) и Innocentia (2015).

Од почетокот на годината, Марија го води поткастот „Sisterhood of Sound“ кој се фокусира на музика, меѓусебно охрабрување, и рушење на стереотипите. Секоја епизода содржи суштински разговори со влијателни жени во музичката индустрија, истражувајќи ги нивните патувања, предизвици и успеси. Поткастот има за цел да ги инспирира слушателите преку прикажување на различните гласови и приказни на жените во музиката.

Фадо композициите обично ги истражуваат личните приказни за љубовта, болката во срцето и борбите во секојдневниот живот, презентирани со потресен вокален стил, испеани од душа. Која од вашите омилени песни најдобро го претставува концептот на скршено срце?

– Мојата верзија и музички аранжмани на фадо – класиците: Com Que Voz и Barco Negro.

Кога би можеле да соработувате со кој било (мртов или жив), кој би бил вашиот соработник од соништата?

– Починати: Рахмањинов, Хеитро Вила-Лобос, Кармен МекРе, Бети Картер, Џорџ Мајкл, Гал Коста и Синатра. Живи: Марија Шнајдер, Жизела Жоао, Ела Брик, Соми, Гречен Парлато, Џојс Морено, Тигран Хамасјан, Пет Метани, Каетано Велосо и многу други мои прекрасни колешки.

Дали постои ваша песна за која сметате дека навистина заслужува поголемо признание, можеби радио – хит, или сонувавте да стане вирална?

– Отсекогаш се надевав на вирален хит со мојата песна „Inverso“, која беше прикажана во португалска сапуница наградена со „Еми“.

Според вас, кој е најпреценетиот тренд во музиката од изминатите 10 години?

– Загубата на изненадувачките хармонични промени во поп-комерцијалната музика, доминацијата на Kizomba-Zouk „грувовите” и подемот на ужасниот Funk Brasileiro.

Кога не правите музика, која е вашата омилена работа?

– Јога, почестување со одлична храна и гледање инспиративни филмови со женски главни ликови.

Која е најважната лекција што сте ја научиле во вашата кариера?

Неколку се:

-Потребна е голема храброст, иницијатива и упорност за да се „брка сонот“.
-Не го романтизирајте креативниот процес – тоа не е секогаш пријатно и не постои доверлива формула што работи за секоја песна.
-Исто така, научив да велам: „Може ли да ви вратам за ова подоцна? Треба да размислам за тоа“, кога ќе побараат да направам нешто за што не сум сигурна.
-И, никогаш не плашете се да поставите граници со другите или да им дадете до знаење кога одредени однесувања или коментари се несоодветни, особено кога доаѓаат од луѓе кои ги сметате за професионално поискусни од вас.

Како сакате да ве паметат во музичката индустрија?

– Сакам да бидам запаметена како моќен женски креатор со златен глас, кој ги плени слушателите со уникатна и неочекувана музичка естетика. Имам за цел да го збогатам џезот со значајна, висококвалитетна креативна содржина, а сето тоа истовремено поддржувајќи ги и издигнувајќи ги моите колеги во индустријата.

Има една интересна студија на темата за жените во џез музиката и таа вели: „Биди добра девојка или свири како маж”. Како би го оцениле местото што го имаат жените во џез музиката денес? Кој е начинот на кој тие треба да ја освојат сцената, со својот сензибилитет или мажествено, на начин на кој тоа го прават машките музичари?

– Како жена доволнa си! Женската енергија во музиката и начинот на кој жените свират е моќно и тоа треба да се негува и слави. Обидот да звучиме или свириме како маж нè става во неповолна положба и го одвлекува вниманието од нашите уникатни гласови. Поддршката и насоките во движење во музичката индустрија започнуваат со тоа што жените се охрабруваат и поддржуваат една со друга. Од клучно значење е да се поврзете со други женски приказни, бидејќи тие можат да ве инспирираат да не се извинувате и да бидете настојчиви. Никогаш не плашете се да поставувате граници, особено кога се обраќате на несоодветно однесување или коментари, дури и ако тие доаѓаат од поединци кои ги сметате за професионално поискусни. Далеку сме сѐ уште од рамноправност, но сме сѐ поблиску. А ваквата промена може да се случи само ако направиме „врева“. Вревата значи да се едуцирате себеси за да можете да зборувате со знаење и искуство, а за возврат, со почит да ги едуцирате другите околу вас за вашите права и потреби. Друга одговорна работа што треба да направите е да се обидете да вклучите повеќе колешки во вашите проекти.

Дали знаете нешто за нашата земја, т.е. кога одите некаде да настапите, сакате однапред да знаете нешто за тоа место или дозволувате моментот да ве понесе и да научите нешто од личните искуства? И што очекувате од концертот со Националниот џез оркестар, што треба да очекува публиката од репертоарот?

– Ова е мојот прв пат во Македонија, па секогаш кога ќе посетам некоја нова земја и мојот распоред на турнеи ми го дозволува тоа, се обидувам да останам уште една дополнителна ноќ за да истражам малку. Секогаш проверувам што не може да се пропушти во поглед на разгледување, традиционална храна и слатки. Така што, дефинитивно го погледнав кањонот Матка.

Прекрасното нешто во работата со оркестри е тоа што, бидејќи групата е поголема, секогаш можам да добијам подобро чувство за локалната култура и приказните кои моите колеги сакаат да ги споделат. Често ги прашувам каде можам да го најдам најдобриот топол оброк во градот или кој е нивниот омилен дел од градот да го посетам.
Што се однесува до работата со Националниот џез оркестар, навистина со нетрпение очекувам да се сретнам со тимот и да соработувам за оваа музика да може да ги допре со емоции срцата на сите, да ги собори луѓето од нивните нозе. Тајната за одличен концерт со оркестар е да имаш одличен диригент, а Владимир Николов е одличен музичар, композитор и прекрасен колега за споделување на сцената. Сигурнa сум дека овој концерт ќе биде незаборавен за сите што ќе присуствуваат, а музиката е навистина дар, дава раскош и страст во звукот и раскажувањето приказни.

Сподели