Подолги години факултетот нема добиено нови вработувања. Во моментот, просекот по наставник е повеќе од 40 активни студенти. Оптоварувањето на нашиот наставен кадар е можеби и најголемо во државата – вели проф. д-р Ѓорги Груевски, декан на ФДТМЕ при УКИМ
Нашите студенти во моментот лесно доаѓаат до работа по струката и голем дел апсолутно остануваат да работат по струка. Побарувачката на квалитетен и}orgi Greuvskiнженерски кадар е константно во пораст. Исто така би истакнал дека поради природата на дрвната индустрија многу од дипломираните студенти наоѓаат работа во своите родни места. Неизбежно е да се каже дека има и солиден број студенти кој продолжуваат со после дипломски студии како во земјата, така и во странство – вели проф. д-р Ѓорги Груевски, декан на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер. Постојан добар интерес за овој факултет сведочи малиот наставен кадар, кој работи со големо ентузијазам. Им недостигаат асистенти и професори и никако да се надмине горливиот проблем што трае со години. Каква академска година ги очекува студентите на ФДТМЕ.

Каква академска година ве очекува? Што ново може да се истакне во смисла на програма и сл?
-Нè очекува уште една би рекол нормална и напорна академска година, стекнување знаење, споделување искуства и создавање нова генерација инженери. Исто така нè очекува и година во која се интензивира дигитализацијата, почнувајќи од целосно електронското запишување на студентите, па се до зголемувањето на користењето на дигитални алатки во процесот на настава.
Каде очекувате најголем интерес од нови студенти? Каква е праксата во изминатите години, што е најпривлечно?
-Веќе повеќе години наназад, стандардно попривлечена е насоката за дизајн и технологии на мебел и ентериер, пред сè, поради атрактивноста на дизајнот и проектирањето, но на сите студенти им објаснуваме дека и насоката за инженерство на мебел и дрво има свои предности како и дека овие дипломирани инженери, дури и многу полесно наоѓаат свое место во индустријата за производство на мебел.
Исто така би истакнал дека факултетот во соработка со стопанството оваа година обезбеди 10 стипендии за заинтересираните студенти кои покрај паричната помош од фирмите ќе добијат шанса за практична работа и понатамошно сигурно вработување во овие фирми.
Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате? Дали тоа е можеби горливото прашања за недоволниот кадар на факултетот?
-Апсолутно најголем проблем е недостатокот на кадар. Подолги години, иако во сите звања имаме недостиг, факултетот нема добиено нови вработувања. Во моментот, просекот по наставник е повеќе од 40 активни студенти. Оптоварувањето на нашиот наставен кадар е можеби и најголемо во државата. Се надеваме дека новите раководства во Министерствата за образование и наука и за финансии ќе ги имаат предвид овие состојби и ќе дозволат вработување нов кадар на факултетот.

Успевате ли да се вклучувате и во „Еразмус“ или и други проекти?
-Факултетот бил вклучен во повеќе меѓународни проекти, но вклучувањето во проекти во последните години станува потежок предизвик. Пред сè, Еразмус проектите бараат поголема посветеност, која за жал, поради оптовареноста во наставата, професорите се поретко може да ја дадат. Секако факултетот е активен на низа други проекти, како научни, така и апликативни.
Колку ги следите вашите дипломци по завршувањето, во смисла, колкумина продолжуваат да работат по струка, а и какви се потребите на пазарот?
-Нашите студенти во моментот лесно доаѓаат до работа по струката и голем дел апсолутно остануваат да работат по струка. Побарувачката на квалитетен инженерски кадар е константно во пораст. Исто така би истакнал дека поради природата на дрвната индустрија многу од дипломираните студенти наоѓаат работа во своите родни места. Неизбежно е да се каже дека има и солиден број студенти кој продолжуваат со после дипломски студии како во земјата, така и во странство.

Што би им препорачале на новите студенти? Што ги очекува на вашиот факултет?
-На новите студенти би им кажал дека на факултетот ги очекува многу работа, учење и цртање, откривање на еден нов инженерски и дизајнерски свет. Би им препорачал да го искористат наставниот кадар за добивање знаење и искуство од оваа област.





