Нуредини се надева УНЕСКО повторно да се пишмани за Охрид

Со координираните активности со нашите соседи ќе настапиме заеднички пред Комитетот на УНЕСКО – се надевам дека ќе добиеме дополнителен временски период за да го исполниме пред да се најдеме на Листата на загрозено светско наследство, рече министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини

Македонија и Албанија ќе изработат заеднички стратегиски план со дефинирани цели, иницијативи и проекти за заштита на Охридскиот Регион како исклучителна вредност. Планот ќе вклучува и корективни мерки со временска рамка и прецизна координација во заедничкото управување на Охридскиот Регион, во согласност со насоките од последниот извештај на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО. Ова се дел од заклучоците донесени на заедничката седница на националните комисии на УНЕСКО на Македонија и Албанија што се одржа вчера во Охрид.

Од вчерашниот состанок

Првиот заеднички состанок на комисиите на двете земји се одржува пред почетокот на 44. сесија на Комитетот за светско наследство кој од 16 до 31 јули ќе се одржи во Кина. Поради пандемијата, годинава сесијата ќе биде онлајн. Центарот за светско наследство на УНЕСКО го објави извештајот на Реактивната комисија која го посети Охридскиот Регион лани во јануари и даде препорака да биде поместен од Листата на светско наследство на Листата на светско наследство во опасност

– Отвораме ново поглавје во билатералните односи меѓу Северна Македонија и Албанија. Се согласивме дека преку заедничкото управување на нашето природно и културно наследство што го споделуваме со целиот свет, односно со преземање конкретни чекори за заштита, ќе поставиме пример и за развојот на добрососедските односи, за подобар и поблиску интегриран балкански регион – рече вчера нашата министерка за култура Ирена Стефоска.

Мионистерките за култура Ирена Стефоска и Елва Маргарити

Министеката за култура на Албанија, Елва Маргарити реле дека соработката отвора врати за нови активности на кои забрзано ќе работат, а биле подзаборавени заради пандемијата.
Нашиот министер за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини рече дека двете држави се сериозни во намерата да се следат препораките и да се зачува статусот на УНЕСКО за Охридскиот Регион и да се заштити природното и културното наследство.

– Со овие координирани активности со нашите соседи ќе настапиме заеднички пред Комитетот на УНЕСКО, претставувајќи ја идејата за конкретен заеднички План за опоравување и акциски план. Со тоа ја покажуваме сериозноста во нашиот пристап и се надевам дека ќе добиеме дополнителен временски период за да го исполниме пред да се најдеме на Листата на загрозено светско наследство – изјави Нуредини.

Министерот Насер Нуредини (во средина)

На состанокот било истакнато дека во последните две години Македонија и Албанија ги интензивирале напорите за спроведување на препораките што произлегуваат од соодветните одлуки на Комитетот за светско наследство и на Реактивната мисија. Заедничкиот стратегиски план кој ќе содржи и детален акциски план со мерки и идни активности ќе го достават до Центарот за светско наследство на УНЕСКО најдоцна до февруари 2022 година.
Министерките за култура, Стефоска и Маргарити со потпишувањето на заедничка изјава ги потврдиле заложбите за идна целосна посветеност за успешна имплементација на Конвенцијата за светско наследство и зачувување на статусот на светско наследство на Охридскиот Регион.

Насловна фотографија: Pixabay

Фото: Министерство за култура

Сподели