Општина Битола формира нов Културен и информативен центар под чии ингеренции ќе бидат Офицерскиот дом, Киното „Манаки“ и Туристичкиот информативен центар. Директорка на КИЦ – Битола е Сандра Котевска. Од општината информираат дека целта на здружувањето е објектите што имаат големо културно-историско значење за Битола да се стават во функција на градот.
– На овој начин се овозможува комплетнa функционалност на Офицерскиот дом и Киното „Манаки“ во промоцијата на културата и уметноста на Битола, за понатамошен културен, туристички и економски напредок на градот – велат од општината.

Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска вчера се сретна со Котевска и разговарале за програмските цели и задачи на установата. Предвидено е објектите да бидат отворени за различни културни манифестации, состаноци, туристички посети и други активности. Со новата институција почнува со работа и Туристичкиот информативен центар, прв од овој вид во градот, кој ќе претставува главно седиште за целосна туристичка промоција на Битола.
Од Општина Битола информираат дека пред да се формира новата установа биле обезбедени доволно пари за реконструкција на Офицерскиот дом и доизградба и опремување на Киното „Манаки“. Така, за реконструкција на Офицерскиот дом добиен е подгрант од Европската Унија во рамките на подгрантовата шема на проектот „Локална и регионална конкурентност“, финансиран од ИПА 2 (администриран од Светска банка). Вкупната вредност на договорот изнесува 58.792.610 денари, од кои 5.879.261 денари се средства од буџетот на Општина Битола. Дополнително, општината за поставување на водовод, канализација, партерно и хортикултурно уредување инвестирала 15.423.735 денари.

За Киното „Манаки“, Министерството за култура доделило 7.616.554 денари за енетриерно уредување, а со пари од проектот „Кинокултура“, финансиран од ИНТЕРРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција и Македонија, во вредност од 64.215 евра, обезбедена е најсовремена кино опрема. Во објектот со средства од истиот проект комплетно е опремен и Туристичкиот информативен центар.
Фото: Општина Битола





