Деновиве беше издадено новото прозно остварување на македонскиот писател Стефан Марковски, новелата „До_адната книга“ во издание на „Современост“ – Скопје. Дејството во новелата е динамично, со разгранета, сложена и нелинеарно структурирана композиција, подлегнувајќи на постојани и тешко предвидливи пресврти, кои освен што ја одразуваат повеќеслојноста на самата реалност, ја наоѓаат својата улога и како дел од експериментот кој е и централна тема.

Една од главните области на овој истражувачки експеримент е развивањето спефицични облици на вештачкоинтелигентна технологија чијашто цел, покрај другото, е и проучувањето на досадата, наспроти афинитетите и допаѓањата, со цел подлабинско и посеопфатно разбирање на човекот и човечкото.
За книгата, драмската авторка м-р Катерина Момева во освртот пишува: „Преку ироничен дискурс, Марковски ни го претставува демократскиот систем изобличувајќи го до степен на апсурд, еуфоријата од револуцијата како извор на декаденција каде што причините за истата немаат значење – револуцијата не ги јаде своите деца, децата не се ни раѓаат… Важноста на ова книжевно остварување е во постапките со кои целото е создадено, кои се крајно инвентивни и невообичани, во обид да се прекршат некои постулати во книжевноста, а сепак доследно и консеквентно, искреирано со крајно истанчен вкус, со интелектуална префинетост која предизвикува оригинални естетички толкувања. Ова е дело кое во себе ја содржи постапката на расплетување, следејќи ја свеста и процесите што се случуваат кога ти е наметнатa вина, бидејќи наметнатата вина предизвикува понекогаш поголемо страдање од самата вина, докажувањето на невиноста е исто така макотрпен процес.





